МОН, Илинден и МЕПСО ја официјализираа соработката
Министерот за образование и наука Спиро Ристовски, градоначалникот на Општина Илинден Жика Стојановски и директорот на акционерското друштво МЕПСО Синиша Спасов денеска потпишаа Меморандум за соработка. Со овој меморандум МЕПСО се обврзува да обезбеди практична настава, обука и работно ангажирање според потребите во сопствените капацитети за учениците од Средното стручно училиште „Илинден“ во општина Илинден.
-Ние како министерство за образование и наука даваме поддршка во реализацијата на овааиницијатива којашто ја формализираме со потпишување на меморандум, со што компанијата МЕПСО ќе обезбеди практична настава и обука во сопствените просторни капацитети за учениците од ова училиште, каде однапред назначени ментори детално ќе ги запознаваат со фазите од процесот на функционирањето на компанијата. За оние ученици коишто ќе покажат особен интерес и ќе постигнат високи резултати во образованието ќе обезбеди финансиска поддршка во вид на стипендии. Но, најважно од сé е тоа што за најталентираните ќе обезбеди простор во својата организациска структура преку директно вработување на соодветни работни места согласно тековните потреби –рече министерот за образование Спиро Ристовски.
Во своето обраќање градоначалникот на Општина Илинден Жика Стојановски се заблагодари за поддршката на МЕПСО и за ангажманот на ресорното министерство и изрази уверување дека ова ќе даде силен поттик за учениците од новите електротехнички профили.
-Нашата заложба е унапредување на образованието со создавање на услови за комплетно и компетентно образование.Изборот на насоките што се изучуваат во средното стручно училиште е резултат на успешната соработка на локалната самоуправа и бизнис секторот во Општината. По сеопфатната анализа за потребите од соодветни кадри за стопанството во Општината произлезе изборот на средното училиште кое ќе профилира кадри кои што веднаш по завршувањето ќе бидат оспособени да се вклучат во производствените процеси- истакна Стојановски.
Почетокот на новата учебна година во Општина Илинден беше одбележан со уште еден голем успех во областа на образованието. Почна со работа првото средно стручно училиште „Илинден“ со што во Општина Илинден за прв пат од нејзиното постоење се воведе средно образование.