ЃОРЃИЕВСКИ: Во партијата не се води внатрепартиска битка за Скопје, туку процес на конструктивна конкуренција

 

Молделот на „молчење на администрацијата како одобрување“, мора да биде напуштен, вели претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, по трагедијата  во Кочани. Во интервју за Прес24, потенцира дека овие законски измени што беа правени пред повеќе од десетина години се причина за хатотични ситуации. Наместо тоа треба да бидат направени законски измени со кои треба да се прецизираат јасни и точни рокови за одлучување.

-Мора да се стави крај и на практиката насловена „молчењето на администрацијата значи одобрување“. Системот во кој, ако институциите не одговорат во предвидениот рок, барањето автоматски се смета за одобрено, овозможува изигрување на законите и создавање небезбедни услови за живот. Овој механизам кој е забранет во Општина Кисела Вода, мора да се укине и во другите општини, а институциите да добијат јасни обврски со строги рокови за одлучување и одговорност за евентуални пропусти, вели Орце Ѓорѓиевски во интервју за Прес 24.

Поренцира и дека постојните законски регулиативи за домување треба да претрапат промени, бидејќи во одреден степен покажуваат слабости.

-Кога во станбени згради има неисправни електрични инсталации, нефункционални хидранти, небезбедни противпожарни излези – тоа не е само проблем на поединци, туку закана за сите. Така треба да ги гледаме овие проблеми, ако сакаме да не ни се повторуваат како загрозување на животите. Затоа, потребна е сериозна регулаторна реформа. Законот мора да предвиди построги механизми за контрола и спроведување на обврските. Моделот во кој граѓаните сами одлучуваат дали ќе формираат заедница на сопственици и дали ќе се грижат за безбедноста, покажува слабости, вели претседателот на ЗЕЛС.

Во пресрет на локалните избори, Ѓорѓиевски не ги гледа како внатрепартиска битка, неговите и аспирациите на министерот за Локална самоуправа, Перински за кандидат за Град Скопје, туку како демократски процес во партијата.

-Во однос на тековните случувања во рамките на партијата, мислам дека не треба да се гледа на тоа како на внатрепартиска битка, туку како на процес на конструктивна конкуренција во кој сите вклучени личности се натпреваруваат преку конкретни покажани резултати, успешно спроведени проекти, иновации и идеи кои имаат реален придонес за доброто на граѓаните и развојот на градот. Тоа што се случува во ВМРО ДПМНЕ, секако, се претставува како показател за партија која има здрав демократски капацитет, кој е основа за понатамошно продлабочување на политичката култура и издигнување на нивото на ефективноста на локалната самоуправа, вели Ѓорѓиевски во интервјуто.

Тоа што премиерот е во постојана пред кампања по општините во друштво со министерот за Локална самоуправа не го гледа како наклонетост, туку како одговорност на премиерот да се гржи за сите општини.

-Напротив, му се восхитувам на Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, кој од еден руиниран систем се обидува да создаде модерна држава и притоа да ја унапреди соработката меѓу централната и локалната власт. Неговото секојдневно присуство на терен, помеѓу граѓаните во различни општини, особено во презентирањето на новите проекти и отпочнувањето на нивната реализација, е доказ за неговата посветеност и ангажман за постигнување на резултати кои се во интерес на сите граѓани, вели Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, во интервју за Прес24.

ПРЕС24: Големата трагедија од Кочани ја поттикна свеста кај институциите за поголема одговорност. Во тој контекст и ЗЕЛС имаше еден состанок, Вие веќе рефериравте дел од заклучоците, но сепак, детално како стојат состојбите во поглед на безбедноста на јавните објекти, но и колективните станбени објекти, по општини?

ЃОРЃИЕВСКИ: Големата трагедија во Кочани ни донесе огромна болка и тага, но и силен поттик за поголема одговорност кај сите институции – и на локално, и на државно ниво. Огромната трагедија не погоди сите, невозможно е да се остане силен во вакви моменти. Сочуствуваме со семејствата на загинатите, и се молиме за повредените. 

Како градоначалник на Општина Кисела Вода, но и како претседател на ЗЕЛС, веднаш излегов на терен и дадов јасни насоки за дополнителни вонредни контроли во сите општини во Македонија. Ова не значи дека инспекциските контроли досега не биле спроведувани, напротив, тие се редовна обврска, но трагичниот настан дополнително ја мобилизираше локалната самоуправа за уште позасилена акција и проверка на сите потенцијални ризици.

Кога зборуваме за безбедноста на јавните објекти, пред сè во образованието и детската заштита, сакам да нагласам дека во Кисела Вода редовните контроли се дел од нашата утврдена пракса. Сите училишта, градинки, културни установи и спортски сали во нашата општина се веќе подложни на инспекциски надзори, соодветно на законските прописи. По трагедијата, повторно ги проверивме и можам да уверам дека безбедноста во јавните објекти не е загрозена. Во моментов, во Кисела Вода се вршат и интензивни инспекциски контроли во станбените згради, во согласност со Законот за домување и Правилникот за нормите и стандардите за домување. 

Ова е начинот на кој постапуваме во Кисела Вода, но знам дека слични чекори се преземаат и во другите општини. Во комуникација со моите колеги-градоначалници, добив информации дека во голем дел од општините инспекциските контроли се спроведуваат редовно, иако има и исклучоци. Затоа, како ЗЕЛС, побаравме сите градоначалници да достават записници од досегашните инспекциски контроли, како и информации за понатамошните чекори кои ќе ги преземат. Сакаме да се осигураме дека сите јавни објекти се безбедни, а таму каде што има аномалии, ќе има итно постапување. Она што мора да го нагласиме е дека безбедноста не е само обврска на инспекциите и локалните и централните власти. Одговорноста лежи и кај граѓаните, сопствениците на објекти, управителите на згради, кај сите чинители во општеството. Потребно е подигнување на свеста за важноста на безбедносните стандарди и нивно навремено одржување. Она што произлезе како предлог од моја страна, а за што ќе инсистираме како ЗЕЛС, е измена на законската рамка со која инспекциските контроли ќе станат задолжителни најмалку еднаш или двапати годишно, наместо да зависат од индивидуалната одговорност на градоначалниците или инспекциските служби.

Затоа, порачувам дека јавните установи се безбедни, но и дека нашата работа не застанува овде. Ќе продолжиме со континуирани проверки, со јасни насоки за подобрување на безбедносните стандарди и со конкретни мерки за одговорно однесување на сите нивоа. Безбедноста на граѓаните, а особено на децата, останува наш врвен приоритет. Не како градоначалник, како човек не можам, а да постапувам поинаку. 

ПРЕС24: Без намера да се намалува одговорноста, сепак најважни во овој ланец се градинките и училиштата, каде се децата секојдневно присутни. Начено велите дека тие се безбедни, но довлна е една обиколка на дел од улилиштата низ државата, не декаде, но во одредени општини, каде лесно се гледа дека некои објекти не исполнуваат ниту елементарни услови. Не дека тоа е директна одговорност на Вас, но прашањето ми е дали ЗЕЛС и Министерството за образование, можеби треба да направат список на критични објекти и план за нивна санација?

ЃОРЃИЕВСКИ: Апсолутно, најголем приоритет мора да бидат градинките и училиштата, бидејќи таму секојдневно престојуваат деца. Иако генерално се безбедни, факт е дека во одредени општини постојат објекти што не ги исполнуваат елементарните стандарди. Ова е причина повеќе по засилените контроли од страна на градоначалниците низ целата држава, ЗЕЛС да иницира заедничка анализа со Министерството за образование, со цел да се изработи список на критични објекти и јасен план за нивна санација. Важно е ова да биде системско решение со континуирана проценка, а не само реакција на изолирани случаи.

Сега сме и во подобра ситуација, како општини, бидејќи Владата обезбедува значајна сума од околу 250 милиони евра за капитални инвестиции во општините. Апелирам и повикувам, секоја од општините засебно, градоначалниците и советите да ги користат овие средства врз база на приоретизација. Децата ни се најголемо богатсво, прво за нив, за нивната безбедност.

ПРЕС24: Кога сме кај колективните станбени објекти, таму веројатно проблемот е најголем. Тој е секако резултат на слабата одговорност на граѓаните кои се сопственици на тие објекти. Законот за управување на овие објекти е на сила повеќе од десет години, но ефектите не се многу видливи. Каде според вас лежи проблемот.?

ЃОРЃИЕВСКИ: -Во моментов во Кисела Вода и во сите останати општини, во колективните станбени објекти се одвиваат интензивни инспекциски надзори во согласност со Законот за домување и Правилникот за нормите и стандардите за домување. Од досегашните контроли, најголемите недостатоци што ги констатиравме се во врска со немање противпожарни апарати и нефункционална хидрантна мрежа. Овие проблеми најчесто се јавуваат кај постарите станбени згради. Кај поновите згради, пак, речиси и да нема неправилности од ваков тип, што покажува дека соодветните прописи во поновите градежни проекти се почитуваат.

Во случаите кога се детектираат нерегуларности, веднаш се преземаат конкретни мерки. Се контактираат управителите на зградите и претседателите на заедниците на сопственици, при што инспекторите ги информираат за забележаните недостатоци и им се дава одреден рок за нивно отстранување. По истекот на тој рок, ќе се спроведуваат дополнителни проверки за да се утврди дали зградите се усогласиле со законските прописи. Во случаи кога нема усогласеност, ќе бидат изречени соодветни санкции.

Сепак, институциите не можат сами да ја преземат целата одговорност. Граѓаните мора да сфатат дека безбедноста не е само работа на општината и инспекциските служби – таа е колективна одговорност. Затоа, сметам дека освен засилени контроли, мора да има и ригорозни санкции за оние кои нема да ги почитуваат безбедносните прописи. Само така ќе можеме да спречиме трагедии како онаа што се случи во Кочани. Општините, како и државата, имаат обврска да обезбедат систем што ќе гарантира заштита на животите на граѓаните, но без свесност и активна вклученост од страна на самите жители, нема да можеме целосно да го решиме проблемот. Затоа, сите заедно треба да работиме на подигнување на стандардите, подобрување на одговорноста и создавање безбедна средина за живот.

Ги повикувам граѓаните без задршка да се вклучат и да ни помагаат во детектирање на проблемите и во нивно решавање. 

ПРЕС24: Конкретно ние сега имаме ситуација во која можеби и по 40 години има нефункционален хидрантски систем. Дел не е одржуваН, во дел нема вода, во дел нема приклучни елементи. Имаме нови станбени објекти кои немаат надворешни противпожарни скали, како може ова да се регулира?

ЃОРЃИЕВСКИ: Освен засилените инспекциски контроли од страна на инспекторите од општините и од Дирекцијата за заштита и спасување во постојните згради, се грижиме сите издадени одобренија за новите градби целосно да ги исполнуваат законските одредби од членот 45 од правилникот за мерки и заштита од пожари, за што ингеренции има Дирекцијата за заштита и спасување. Има точно дефинирани одредби, како на пример, дека противпожарни скали се задолжителни во објекти повисоки од 22 метри, или она што е дефинирано во членот 47- кој за станбени објекти предвидува максмална оддалеченост од 20 метри од влезот до скалите. 

Повикувам инспекциите, и оние на локално ниво, но и оние на државно ниво, да постапат брзо и целосно. Доколу се поајават пропусти, да не се прескокнува, да се нема дилема, бидејќи овие активности се во насока за зашитата на животите на нашите сограѓани. Толерантноста, прогледувањето, непостапувањето, ако го имало, мора да биде минато. 

ПРЕС24: Ќе разговарате ли со куќни совети, фирми кои се регистрирани за одржување на станбени објети? 

ЃОРЃИЕВСКИ: Како што кажав, тоа веќе во моментов се случува. Преземаме активности, барем на територија на Општина Кисела Вода, а како што сум информиран и во повеќе урбани општини, да ги вклучиме сите субјекти во надминување на утврдените слабости. 

ПРЕС24: Има ли потреба од нова регулација на овој модел? 

ЃОРЃИЕВСКИ: Како што неколку пати досега кажав, мислам дека е потребен еден целосен рестарт во повеќе општествени сфери, па и во делот за кој сега зборуваме околу Законот за домување. Долги години наназад се дозволуваа пропусти, се оставаа правни празнини и се создаде култура на игнорирање на обврските. Ова не е резултат на вчерашни грешки, туку на децениско натрупување на проблеми кои никогаш не беа системски решени. Факт е дека институциите често функционираат со дискреционо право наместо со јасно дефинирани и облигаторни рокови за постапување. Инспекциските контроли, не смеат да зависат од добра волја или познанства, туку мора да бидат задолжителни, редовни и строго регулирани. Тука е клучот за спречување на идни несреќи – не со ад-хок реакции по настанати трагедии, туку со превентивно и доследно спроведување на законите. За ова мора да постои одговорност, и материјална и кривична. Говорејќи за управувањето со заедничкиот простор, тоа не смее да биде личен избор, туку обврска. Кога во станбени згради има неисправни електрични инсталации, нефункционални хидранти, небезбедни противпожарни излези – тоа не е само проблем на поединци, туку закана за сите. Така треба да ги гледаме овие проблеми, ако сакаме да не ни се повторуваат како загрозување на животите.

Затоа, потребна е сериозна регулаторна реформа. Законот мора да предвиди построги механизми за контрола и спроведување на обврските. Моделот во кој граѓаните сами одлучуваат дали ќе формираат заедница на сопственици и дали ќе се грижат за безбедноста, покажува слабости. Потребен е систем во кој редовните проверки на инсталациите, хидрантските мрежи и безбедносните стандарди ќе бидат задолжителни, а нивното непочитување ќе носи конкретни последици.

ПРЕС24: Постои ли расположение кај ЗЕЛС, не знам можеби преку некои донаторски начини, преку фондови на ЕУ, да се обезбедат средства за кои куќните совети би аплицирале за функционалност на овие системи за кои зборуваме?

ЃОРЃИЕВСКИ: -Мислам дека причината за необезбедувањето на функционалост на системите не е од финансиска природа. Кога ќе има законот кој ќе предвидува одговорност од сите засегнати страни, ќе се увиди дека се’ може да функционира беспрекорно. Верувајте, ниту општините, ниту Владата колку што гледам, нема да штедат на безбедноста на граѓаните. 

ПРЕС24: Дивеењето во урбанизмот јавноста најчесто го дефинира како градежна мафија. Случајот во Кочани не е многу поразличен. Но, локалните власти се во центарот на тоа, со оглед на тоа дека кај нив се регулираат урбанистички планови, тука е инспекциската одговорност, тука се главните поенти на тоа дали на крајот од тоа ќе имаме безбеден и урбанистичко добро осмислен простор. Од Вашето досегашно искуство, што треба да се менува, за да се постигне баланс и во развојот на општината, но во потребата од слободен човечки простор?

ЃОРЃИЕВСКИ: -Како што кажав целосното рестартирање нема да биде лесен процес, но е неопходност за создавање систем кој не реагира откако ќе се случи несреќа, туку кој проактивно работи на безбедноста и квалитетот на животот на сите граѓани.

Ова освен делот на утврдување материјална и кривична одговорност кај секој кој става потпис на одреден документ, на одредено одобрение, мора да се стави крај и на практиката насловена „молчењето на администрацијата значи одобрување“. Системот во кој, ако институциите не одговорат во предвидениот рок, барањето автоматски се смета за одобрено, овозможува изигрување на законите и создавање небезбедни услови за живот. Овој механизам кој е забранет во Општина Кисела Вода, мора да се укине и во другите општини, а институциите да добијат јасни обврски со строги рокови за одлучување и одговорност за евентуални пропусти. 

Дополнително, образовните институции што обучуваат кадри во областа на урбанизмот и градежништвото мора да бидат активно вклучени во креирањето и спроведувањето на регулативите. Стручната фела треба да биде во сржта на сите урбанистички решенија, без импровизации и без исклучоци. Дека ова не е невозможен процес, одличен пример е Општина Кисела Вода која во минатото беше симбол за урбанистички хаос и незаконско работење. Во Расадник мојот претходник планираше изградба на 99 згради, што во вакви ситуации може пластично да се види колку би било опасно. Наместо тоа спроведовме Меѓународен конкурс и добивме идејно решение за ДУП целосно креирано по мерка на граѓаните и условите за хумано живеење. За ова ги вклучивме граѓаните преку Партиципативно тело, како и Архитектонскиот факултет, Комората на овластени архитекти и инженери и Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Претходно, поништивме одобренија за градба низ општината, кои биле издадени од претходното раководство спротивно на законските одредби и урбанистички планови, а идните градби во Пржино и Црниче ги ограничивме до четири станбени единици. Или да сумираме, кога се сака, се’ се може.

ПРЕС24: Годинава се локални избори. Ако ве прашам колку сте задоволни од мандатот, секако ќе кажете многу. Затоа ќе Ве прашам од што не сте задоволно, што не е сработено овие 4 години и зошто?

ЃОРЃИЕВСКИ: Во овие три години од мојот мандат, успеав да реализирам повеќе од 90 проценти од ветеното во програмата, и до крајот на мандатот целосно ќе ја реализирам целата програма. Меѓутоа, ако треба да посочам нешто што не сум задоволен, тоа се проектите кои требало да се реализираат во соработка со Град Скопје или оние што зависеле од Градот Скопје. Сметам дека целосното неработење и неактивноста на Град Скопје ја грди сликата на нашиот град и негативно влијае на развојот на одредени проекти кои не можевме да ги спроведам поради недостиг на ингеренции или соработка. Се надевам дека со локалните избори што доаѓаат оваа есен, за Скопје и за нашата општина ќе дојдат подобри времиња и подобра соработка, што ќе овозможи реализација на сите оние важни проекти кои сè уште чекаат на имплементација.

ПРЕС24: Најчесто се коментира дека на локалните избори за Скопје поголема ќе биде внатрепартиската битка во ВМРО ДПМНЕ за кандидат, отколку за тоа кој ќе победи во Скопје. Има ли вистина во тоа?

ЃОРЃИЕВСКИ: Сосема сум уверен дека ВМРО ДПМНЕ ќе ја постигне победата на локалните избори, а во однос на тековните случувања во рамките на партијата, мислам дека не треба да се гледа на тоа како на внатрепартиска битка, туку како на процес на конструктивна конкуренција во кој сите вклучени личности се натпреваруваат преку конкретни покажани резултати, успешно спроведени проекти, иновации и идеи кои имаат реален придонес за доброто на граѓаните и развојот на градот. 

Тоа што се случува во ВМРО ДПМНЕ, секако, се претставува како показател за партија која има здрав демократски капацитет, кој е основа за понатамошно продлабочување на политичката култура и издигнување на нивото на ефективноста на локалната самоуправа. Овој процес е доказ за зрелоста на партијата и е нешто што е во интерес на граѓаните, бидејќи само така ќе можеме да обезбедиме стратешки идеи и концепти кои ќе бидат реално имплементирани за напредокот на општеството.

ПРЕС24:  Но, јавноста одамна препознава барем двајца претенденти за наследник на Данела Арсовска. Вие и Златко Перински. Кој ќе пресуди на крај?

ЃОРЃИЕВСКИ: Одлуката за тоа кој ќе биде новиот градоначалник на Скопје ќе ја донесe Претседателот на партијата, анкетите, партиските органи како што доликува во демократскиот процес. Истражувањата на јавното мислење, како и резултатите и досега постигнатото од секој поединец, ќе бидат од клучно значење. Работливоста, посветеноста, способноста да се завршуваат обврските и да се исполнуваат очекувањата на граѓаните, како и конкретните резултати во служба на истите граѓаните ќе бидат она што на крајот ќе пресуди и јас искрено верувам во нивната мудрост и проценка.

ПРЕС24: Му замерувате ли на премиерот што речиси секојдневно е во некаква пред кампања во која при посетите на општините десно од него е постојано присутен министерот. Точно тој ја има улогата на министер од оваа област, но, сепак, тоа може да се толкува како индиректна наклонетост?

ЃОРЃИЕВСКИ: Напротив, му се восхитувам на Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, кој од еден руиниран систем се обидува да создаде модерна држава и притоа да ја унапреди соработката меѓу централната и локалната власт. Неговото секојдневно присуство на терен, помеѓу граѓаните во различни општини, особено во презентирањето на новите проекти и отпочнувањето на нивната реализација, е доказ за неговата посветеност и ангажман за постигнување на резултати кои се во интерес на сите граѓани. Затоа, сметам дека оваа форма на соработка е и повеќе од добредојдена, бидејќи истовремено ја покажува сериозноста и одговорноста на Владата во напорите за модернизација на државата. Во Кисела Вода, како што многу добро знаете, со оглед на динамиката на нашата работа, Претседателот на Владата беше присутен во изминатите месеци неколку пати, придружуван од неколку министри кои на некој начин беа поврзани со проекти кои ги реализираме, што уште еднаш покажува дека заедничкото и координирано работење на локалната и централната власт е клуч за напредок и креирање на напредна и модерна држава.

ПРЕС24: Ако не победите за Скопје, ќе останете ли во игра за нов мандат во Кисела Вода?

ЃОРЃИЕВСКИ: Убеден сум во победа на изборите уште во првиот круг. 

 

29.03.2025 - 09:29

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега