Мицевски: Ако ЈО не отвори постапка за луксузниот џип на Филипче, ќе докаже дека е под диктат на СДСМ

 


Пратеникот и член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Јане Мицевски, денеска остро го критикуваше Јавното обвинителство (ЈО) за неговата неактивност во врска со случајот со луксузниот џип што го користи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Мицевски нагласи дека ако ЈО не отвори постапка за Филипче, ќе докаже дека работи под негов диктат.

„Филипче добил луксузен џип од 130.000 евра од фирма добитник на тендери во време на СДСМ и ЈО молчи и не отвора случај. Односот на ЈО кон Филипче е зачудувачки. Зошто ЈО молчи? Дали ЈО не смее да постапува затоа што Филипче е претседател на партијата која ги избра скоро сите обвинители?“, праша Мицевски.

Тој повлече паралела со случајот на Пеце Мирчевски, поранешен директор од редовите на СДСМ, против кого ЈО отворило постапка за ист таков случај. „Мирчевски е само обичен директор од СДСМ и кај нив нормално е некој да оди жртва за Венко“, истакна Мицевски, алудирајќи на, според него, селективниот пристап на обвинителството.

Мицевски смета дека без разлика дали ЈО ќе отвори постапка или не, Венко Филипче „веќе нема легитимитет“.

„Народот јасно гледа дека тој е заштитен и тоа уште повеќе ќе го казни на избори“, порача пратеникот.

На крајот, Мицевски додаде дека „ниту Филипче, ниту било кој во СДСМ не смее да го манипулира народот“.

17.06.2025 - 13:43

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега