„Волстрит џурнал“: „Инстаграм“ ги поврзува педофилите
Купувачите и продавачите на содржини со малолетнички секс развиле просперитетна мрежа благодарение на алгоритмите за откривање на „Инстаграм“, платформата за споделување фотографии во сопственост на гигантот „Мета“, пренесува „Волстрит џурнал“.
„’Инстаграм’ ги поврзува педофилите и ги води до продавачите на содржина преку системи за препораки, кои се одлични во поврзувањето на оние што споделуваат интереси“, објави весникот врз основа на истрагите што ги спровел заедно со Универзитетот „Стенфорд“ и Универзитетот „Амхерст“ во Масачусетс.
Според истражувачите, сексуализираните профили на платформата се бесрамни во врска со своите интереси, но не објавуваaт нелегални материјали избирајќи, наместо тоа, да понудат менија на содржина.
„Тие користат одредени емотикони како код, па, така, мапата значи ‘лице привлечено од мали’ – еуфемизам за педофил – а пицата со сирење е кратенка за детска порнографија. Многу корисници се опишуваат себеси како љубители на малите нешта во животот“, вели Брајан Левин, директор на UMass Rescue Lab во „Амхерст“.
Дури и минорен контакт со педофилски профил може да го активира алгоритмот на „Инстаграм “да почне да го препорачува на други корисници, предупредува Сара Адамс, Канаѓанка што се бори против експлоатацијата на децата.
„Проблемот со ‘Инстаграм’ се сведува на карактеристиките за откривање содржина, начините на кои се препорачуваат темите и колку платформата се потпира на пребарувањето и врските помеѓу профилите“, вели Дејвид Тил, главен технолог во интернет-опсерваторијата на „Стенфорд“, кој претходно работел во „Мета“.
Истражувачите велат дека платформата дозволува и пребарувања за кои „Мета“ признава дека се нелегални. Корисниците добиваат известување дека содржината може да содржи сексуална злоупотреба на деца и им нуди две опции: Get resources и See results anyway.
Националниот центар за исчезнати и експлоатирани деца, непрофитна организација која работи со американските органи за спроведување на законот, примила 31,9 милион пријави за детска порнографија во 2022 година.
Платформите во сопственост на „Мета“ сочинуваат 85 % од пријавите, а околу пет милиони доаѓаат само од „Инстаграм“.
Истражувачите од „Стенфорд“ пронајдоа некои профили за секс со деца и на „Твитер“, но помалку од една третина отколку на „Инстаграм“, кој има далеку поголема база на корисници проценета на 1,3 милијарда.
„Твитер“ исто така не препорачува толку многу профили и многу побргу ги отстранува.
„Експлоатацијата на деца е ужасно злосторство“, изјави портпаролот на „Мета“.
Компанијата на Марк Цукерберг призна дека имала проблеми во рамките на своите операции за спроведување на правилата и рече дека формирала внатрешна работна група за да се справи со ситуацијата.
„Мета“ активно се обидува да ја отстрани детската порнографија забранувајќи 490.000 профили само во јануари и укина 27 педофилски мрежи во последните две години.
Компанијата исто така соопшти дека ги спречила сексуализираните хаштагови и го приспособила својот систем за препораки откако ги добила резултатите од истрагата на „Волстрит џурнал“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа