Божиновски: Заев и Ковачевски во процесот на евроинтеграциите ја доведоа Македонија до коленичење

 

На телевизија 24 во емисијата „Анализа“ гостуваше универзитетскиот професор Владимир Божиновски кој дискутираше за обраќањето на еврокомесарката за проширување Марта Кос која се обрати на дебатата со членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент каде што се понуди за олеснувач меѓу Македонија и Бугарија.

Божиновски потенцираше дека промената на Уставот во Македонија не било спорно туку што потоа, и дека од Македонија се барало се, без притоа да се понуди решение.

„Не беше спорно никогаш и проблематично самата промена на Уставот колку што потоа. Секогаш беше проблемот дека се бара се од Македонија без притоа да се понуди нешто, особено во случајот со Бугарија затоа што Бугарите едноставно одат на се подлабоки и подлабоки барања и они тоа отворено го кажуваат дека ова не е последното нешто со коешто ќе се соочи Македонија. Ние имавме договор за добрососедство којшто треба да послужи по решавањето на спорот со Грција, Македонија да ги започне преговорите, видовме дека Бугарија го погазија тој договор за добрососедство“, објасни Божиновски.

Божиновски објасни дека Македонија постојано се соочува со нови барања и дека владеењето на СДСМ и водењето на евроинтеграциите од страна на Заев и Ковачевски ја довеле Македонија до коленичење.

„Премногу пати имаше ветувања ова е последно, и ние се соочуваме постојано со некакви нови барања, јас мислам дека може да се изнајде решение каде што ние можеме да ги прифатиме Бугарите заедно со сите други малцинства но дека нема после тоа повторно да има нови барања кои ќе претставуваат блокада. Едно е добра волја друго е коленичење што го правеше Заев и Ковачевски, мора да направиме една јасна дистинкција што е добра волја а што е коленичење, видовме тоа до каде не однесе“, дециден е Божиновски.

03.06.2025 - 22:27

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега