ВМРО-ДПМНЕ: Филипче е најодговорниот за 14 жртви во модуларната болница во Тетово

 

Немаат крај скандалите на Венко Филипче. Ова го велат денеска од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

- По досега изнесените информации во Аферата – Провизии кои чинат животи, од кои се утврди дека на Филипче како министер за здравство важни му биле само профитите, на површина излегуваат дополнителни скандали. Венко Филипче е директно одговорен и виновен за набавката на модуларните болници, со лош квалитет и леснозапалив материјал, поради што тетовската, во која животот го загубија 14 луѓе, целосно изгоре за само две минути. Според информациите кои стигнаа до нас, тогашниот министер за здравство, Филипче лично ја подготвил спецификацијата за тендерската постапка, каде што модуларните болници биле набавени како стоки. Лично тој ја дал готовата техничка спецификација во одделот на Министерството за здравство задолжено за спроведување на набавката. Ова го потврдува одговорното лице од Министерството за здравство кое се потпишало на спецификацијата дадена од Филипче лично, во исказ пред Јавното обвинителство. Лицето кое Венко Филипче го назначил за главен и одговорен архитект на сите модуларни, одговорно лице за техничката спецификација и претседател на Комисијата за јавни набавки за 13-те модуларни болници, во исказот вели дека не ја изготвило техничката спецификација, туку само сум ја проследило по налог на министерот, до министерот за труд и социјална политика. На Филипче, очигледно не му требал архитект за модуларните, туку само потписник на неговите матни тендери од кои профитирал провизии, кои чинеа 14 животи. Освен ова, Филипче, противзаконски, без одобрение за поставување и употреба дозволил, со негова лична одлука ги пуштил во употреба модуларната болница во која не смеело да се изведува здравствена дејност. Бидејќи, болниците биле набавени како стоки и нема извештај од надзор, согласно член 74 од Законот за градење, не можеле да се впишат ни во Катастар. Но, и ова не е се, после трагедијата во Тетово, со цел да се спаси, но и дополнително да профитира, Филипче склучува анекс на договор со фирмата која ги гради модуларните болници и ја зголемил цената за 20%, наместо да му наложи на нејзин трошок да ги промени материјалите во другите болници низ државата. И овој анекс е против законски, така што член 2 од Анексот бр. 23-1431/63 од 20.12.2021 е во целост спротивен на Основниот договор и истиот е ништовен согласно член 116, 117 и 119 во врска со член 39 и 41 од ЗОО, велат тие.

Додаваат дека од сево ова јасно произлегува дека единствениот и најодговорен за смртта на 14 луѓе кои живи изгореа во тетовската модуларна болница е тогашниот министер и сега претседател на СДС, Венко Филипче.

- Вистината за модуларната болница, јавноста мора да ја дознае, затоа следуваат нови скандалозни детали од Аферата – Провизии кои чинат животи, велат од партијата.

04.06.2025 - 09:18

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега