ВИДЕО; Арсовска го нарече Славески Хитлер, тој ја избрка и рече дека седи во магарешка клупа
Лични препукувања, наместо решавање на проблемите на граѓаните има денеска во Советот на Град Скопје, меѓу градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и претседателот на Советот на Град Скопје Славески.
Откако Славески кажа дека не може никој да збори од говорница, туку од место или од микрофонот до него, бидејќи сè уште не му е вратено копчето за вклучување/исклучување на микрофонот, од говорницата беше тргнат микрофонот. Арсовска си стави подвижен микрофон, а пред да ѝ даде збор Славески, тој ѝ рече на Арсовска дека уште еднаш ја предупредува дека не може да зборува од говорницата и да дојде напред наместо да седи во магарешка клупа на крајот од салата, пишува СДК.мк.
Арсовска со поставен подвижен микрофон отиде на говорницата и му рече на Славески дека е Хитлер и крадец.
„Господине Хитлер не ви доликува ова што го правите. Вие го кршите деловникот и сте крадец. Немате никаков интегритет”, рече Арсовска.
По ова, Славески даде пауза, а потоа рече дека ѝ го одзема правото на збор на Арсовска затоа што го кршела деловникот, вршела опструкции и недолично се однесувала.
Арсовска, шетајќи по салата, велеше дека не може да ѝ се одзема правото за збор и го викаше Славески деспот, по што тој ја прекина седницата.
„Ова е мојот дом, мојата куќа и не можете да ми го земете зборот. Вие сте деспот”, рече Арсовска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа