ОБСЕ: Половина од жените во Македонија биле жртви на насилство

 

На јавната расправа посветена на „Спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство“, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килиан Вал, истакна дека законите во Македонија се солидни, но нивната имплементација останува клучен предизвик.

– Законите против насилството се делотворни онолку колку што е нивното спроведување. Тоа бара ресурси, обука и координиран пристап меѓу полицијата, судството, здравствените и социјалните служби. Разрешувањето на насилството врз жените значи градење општество во кое секој може да живее без страв – рече Вал.

Тој потсети дека вистинската примена на Инстанбулската конвенција е од суштинско значење за подобра заштита на жртвите.

Според истражувањето на ОБСЕ, половина од жените во Македонија искусиле некаква форма на насилство, а 14% биле жртви на физичко или сексуално насилство. Една од десет жени се соочила со демнење.

Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жените истакна дека и покрај унапредувањето на законската рамка, имплементацијата е сериозно ограничена од недостаток на финансии.

– Три години по донесувањето на законот, не сме ни блиску до исполнување на минимум стандардите за специјализирани услуги. Без да обезбедиме средства, сите законски измени се непотребни – порача таа.

Дополнително, Димушевска ја изрази загриженоста за кратењето на буџетот за социјални услуги, нагласувајќи: „Мора да предвидиме пари во националниот буџет, инаку напредокот ќе биде само на хартија.“

Заменик-министерот за социјална политика, Ѓоко Велковски, призна дека државата е далеку од исполнување на стандардите на Истанбулската конвенција, но најави напредок.

– Во седум плански региони се воспоставени специјализирани сервиси за жени жртви на насилство, а во наредниот период ќе се отворат нови десет. Подготвуваме осумгодишна национална стратегија со акциски план – рече Велковски.

25.11.2024 - 22:35

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа