Сведочеше вработен во одделот „Безбеден град“: На камерата се гледа дека возачот е со брадичка

 


На денешното судење за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски сведочеше Мирче Мирчевски, вработен во Министерството за внатрешни работи во одделот „Безбеден град“ („Safe city“). Тој изјави дека на 27 ноември, денот на исчезнувањето на Вања, вршеле пребарување на подрачје на град Скопје.

- Вршевме пребарување на подрачје на Град Скопје, потоа пребарувавме по дојави, сѐ додека понатамошната истрага не го поврза возилото Цитроен што беше запалено во Бразда, исчезнатото лице од Велес, со девојчето, рече Мирчевски.

Мирчевски објасни дека го следеле движењето на Цитроенот на 24 ноември, од Маџари Триангла до местото каде што живеело девојчето.

- Од Маџари Триангла оди на посоченото место каде што живееше девојчето и потоа си оди, и истиот по пребарување на 27 ноември, го наоѓаме како доаѓа од Бутел и од таму оди на местото на грабнување на девојчето, потоа го наоѓаме на Партизанска, врти накај „Рузвелтова“, потоа „Орце Николов“, и од сервисната улица излегува кај Машински факултет и врти кај МИДА, после Александар Палас ни се губи, појасни тој.

Сведокот истакна дека целата истрага ја водел началникот Дејан Димовски со неговите колеги, додека, како што рече, „ние дававме сугестии и ги проверувавме информациите од терен“. Тој посочи дека во возилото „Рено кангу“ на 27 ноември во 9:40 часот на камера се појавуваат две силуети.

- Се гледа дека возачот е со брадичка, личи на првообвинетиот, додека, на другите камери не може да се забележи силуети на лице, рече сведокот. На вкрстени прашања од одбраната на обвинетите, тој одговори дека не е надлежен да одговори дали треба во возилата да има ДНК на лицата кои ги возеле. Прашан дали учествувал на составување на фото-албумот во врска со сомнителните ПМВ, одговори дека помагаат во сето она што придонесува за расчистување на кривични дела. Прашан дали неговиот денешен исказ соодветствува со исказот даден во Обвинителството, особено во делот со забележаните силуети, одговори дека не е сигурен.

25.11.2024 - 14:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега