Вељановски: Интеграцијата во ЕУ и НАТО и понатаму стратешки приоритет
Да бидеш избран третпат едно по друго за Претседател на Собранието е чест и задоволство, а самото тоа покажува и дека се вреднува трудот и работењето на одредени избрани личности, потенцира претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски и изрази задоволство што токму преку првото интервју за МИА откако е повторно избран на старо-новата функција, ќе испрати свои пораки до македонските граѓани.
Вељаноски очекува од новата влада, како и досега, да се посвети на прашањата поврзани со натамошно зголемување на економскиот стандард, како и на интеграцијата во НАТО и во ЕУ кои се наши стратешки приоритети.
Собранискиот спикер изразува и надеж дека избраните пратеници од СДСМ ќе ја сменат одлуката за бојкот и што побргу ќе дојдат во Парламентот за да можат да ги застапуваат интересите на 280.000 граѓани кои излегле на изборите и гласале за нив.
- Претседателот на државата на 19 мај го даде мандатот на мандатарот за формирање влада. Тоа значи дека во рок од 20 дена, мандатарот треба да ја достави програмата на идната влада, како и листата со предлози за министри. Тоа треба да се направи најдоцна до 8 јуни, но не значи дека тоа мора да биде крајниот рок. Како претседател на Собранието веднаш штом ќе го добијам предлогот со листите за министри и програмата за работа на владата, ќе свикам седница во рок од десет дена. Овој рок е предвиден со Деловникот за да можат пратениците да ја разгледаат владината програма и да видат кои се предлозите за министри. Значи, во рок од десет дена откако ќе го примам предлогот ќе биде закажана седницата и верувам тогаш и владата ќе го помине филтерот низ Собранието, вели Вељаноски.
Претседателот на Собранието во интервјуто за МИА истакнува дека СДСМ, со неучествувањето во работата на Собранието, ги бојкотираат и оние граѓани што нив им го дале гласот. Во СДСМ, смета тој, имаат обврска не пред себе, туку пред граѓаните коишто излегле на гласање и се залагале тие да бидат избрани.
Една од најзначајните работи коишто во третиот мандат ќе се случи, најави претседателот на Собранието Вељаноски, е завршувањето на големата, како што вели, историска обнова, доградба и надградба на македонскиот законодавен дом.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа