Врнежите добредојдени за земјоделието

 

Променливото време и врнежите што деновиве ја зафатија Македонија се критични за пчелните семејства. Можно е нивно масовно угинување зашто пчелите немаат услови да излезат надвор од кошничките и да обезбедат храна за веќе фромираните ларви, но од друга страна се погодни за земјоделието.

- Снижувањето на температурите, повремените врнежи и ветерот влијаат крајно негативно врз пчеларството. Можно е да изумрат многу пчелни семејства поради недостиг на храна. Пчелите не се во состојба да излезат надвор, а дождот го измива поленот, вели Ангелко Ангелески од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Од врнежите ќе се офајдат земјоделските култури, особено есенските кои се во фаза на вретенење, формирање класови и класање, за што им е неопходна голема количина вода.

- Сепак, се уште е рано да се каже дали овие врнежи ќе влијаат врз зголемување на приносите бидејќи ако температурите се зголемат, можно е испарување на дел од влагата во почвата. Тоа ќе се одрази врз исполнување на зрното. Затоа, многу се битни врнежите кон средината и крајот на мај, истакнува Ангелески.

Во наредните денови се очекува нестабилно време со дожд, а на некои места и град, без поголемо намалување на температурите.

22.04.2014 - 10:46

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега