Претреси на 16 локации: ОЈО со детали за акцијата во просториите на МВР

 

Претреси на 16 локации се извршени како дел од акцијата во просториите на МВР. Јавното обвинителство вели дека станува збор за предистражна постапка за злоупотреба при јавни набавки.

-По наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, Министерството за внатрешни работи презема дејствија во предистражна постапка во предмет за злоупотреба и договарање помеѓу економски оператори и вработени во Одделот на МВР за општи и заеднички работи околу спроведена јавна набавка во полицијата. До овој момент, извршени се претреси на 16 локации врз основа на наредба издадена од судија на претходна постапка, а по барање на јавниот обвинител. Имајќи ја предвид фазата во која се наоѓа постапката, не сме во можност да споделиме повеќе детали во моментов, велат од ОЈО.

Претходно, преку соопштение Министерството за внатрешни работи ги потврди информациите на Press24 дека во тек е акција.

-Ве информираме дека од страна на полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Одделот за крим полиција и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди по насоки на надлежен Јавен обвинител во тек се мерки и активности поврзани со работењето на Одделот за општи и заеднички работи во МВР, се вели во нивното соопштение.

Како што веќе објави Press24  МВР од утрово спроведува голема полициска акција внатре во своите редови. Во тек се претреси во зградата на Министерството. Според нашите извори, станува збор за истрага поврзана со сомнежи за злоупотреба на тендери за сервисирање на службените возила. Претреси се вршат во канцеларии на повеќе началници и вработени во повеќе организациски единици на МВР.

Според информациите, акцијата ја спроведува Бирото за јавна безбедност. Истовремено, претреси се вршат и во повеќе добро познати автосервиси кои претходно со години ги сервисирале возилата.

05.02.2025 - 14:23

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега