Ахмети-Волерс: Меѓународната заедница очекува фер и демократски избори

 
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, денеска остварил работна средба со амбасадорот на САД во Македонија, Пол Волерс.
 
Како што информираат од ДУИ, Ахмети и Волерс размениле мислења околу актуелната политичка ситуација во контекст на предвремените парламентарни и претседателските избори. Според информациите од партијата, соговорниците заклучиле дека по изборите е неопходно фокусирање на решавање на прашањето за името.
 
-Ахмети ги објасни во детали ставовите на ДУИ околу претседателските избори нагласувајќи дека иницијативата на ДУИ за еден кандидат за претседател со договор меѓу страните кои имаат легитимитет кај двете заедници, е иницијатива која придонесува за помирување и зближување на граѓаните. ДУИ нема да го повика електоратот да гласа на претседателските избори бидејќи нема свој кандидат, но нема да спречи ниту еден граѓанин да ја изрази својата политичка волја, било со негласање или гласање, стои во соопштението од партијата.
 
Ако добие легитимитет на парламентарните избори, велат од партијата, ДУИ ќе продолжи да биде достоен партнер на меѓународната заедница во остварување на нашата заедничка стратешка цел, интеграцијата на Македонија и регионот во НАТО и Европската унија.
 
-Како и официјален Брисел, лидерот Ахмети го покани и Вашингтон да придонесе со нагласени напори во Македонија по изборите и заеднички да ги надминеме сите пречки кои ја држат во заложништво иднината на земјата и на сите граѓани, велат од ДУИ.
 
Американскиот Амбасадор Волерс повторил дека САД силно го поддржува патот на Македонија кон НАТО и ЕУ и ја потврдил потребата за да се фокусираат силите во решавање на прашањата кои ја држат Maкедонија далеку од Брисел, по изборите на 27 април.
 
Тој исто така ги изразил очекувањата на меѓународната заедница за оддржување на фер и демократски избори.
04.04.2014 - 13:10

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега