Гром удрил во фабриката што се запали вчера во Велес: Пожарникарите гаснеле цела вечер

 

Пожарот во производствениот погон на фирмата „Аронија“ со брендот BioCosmos е предизвикан како резултат на удар од гром, пренесува локалниот портал Дума.мк. Нема повредени работници бидејќи во производството на здрава храна не се работи во смени. Пламенот го зафатил скоро целиот дел од фирмата „Аронија“ која е дел од комплексот на велешката фирма ДПТУ „Мирана“.

-Изгорени се производствениот погон, дел од машините, магацинот за суровини, магацинот за готови производи како и канцелариските и помошните простории. Привремено фирмата нема да работи. Сакам да нагласам дека фабриката „Мирана“ која се наоѓа во истиот комплекс, не е зафатена од пожарот и во неа ќе продолжи производството, рече за Дума.мк менаџерот Марио Мирсинов.

Според Мирсинов и покрај громобранот и громобранската инсталација, како што изјавиле работниците кои биле на работа во соседниот дел на комплексот и во производствениот погон на „Мирана“, громот удрил околу 19:30 часот. Тие пламенот во соседниот дел од комплексот го виделе два ипол часа подоцна.

-Во моментов не можеме да соопштиме првична проценка на штета, додаде Мирсинов.

Според информации на Цетар за управување со кризи пожарот во Тетиторијалната противпожарна единица Велес бил пријавен во 22:00 часот.

„Информациите добиени од СВР Велес и ТППЕ Велес, пожарот во фабриката за прехранбени производи ДПТУ „Мирана“ ДООЕЛ во Велес, кој бил пријавен во ТППЕ Велес во 22:00 часот, а во СВР Велес во 22:20 часот на 04 август  локализиран е во 04:00 часот на 05 август. Сѐ уште има слаби чадења на одредени места во фабриката, а за да се спречи повторно разгорување, пожарникарите и другите служби се сѐ уште присутни на терен. Според првичните сознанија на СВР Велес, гореле магацин (во кој имало пластична амбалажа, фрижидери и друго) и канцелариски простории (документација и други материјали),“ соопшти ЦУК.

05.08.2025 - 10:23

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега