Претседателката: Заради нашата спортска неписменост со право не стивнуваат реакциите за натпреварот
Неспортски е да се злоупотребува спортскиот терен за „вежбање“ говор на омраза, навредување и сатанизација со отровни убиствени зборови – проектили! По толку изгубени човечки битки на спортските терени, мора да кажаме јасно и гласно: Никогаш повеќе, каде и да сме, со кого и да се натпреваруваме, нема да дозволиме спортскиот терен да прерасне во гладијаторска навивачка арена, порачува претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по скандирањата на кошаркарскиот натпревар Македонија - Романија.
Во објава на Фејсбук, претседателката наведува дека со право не стигнуваат реакциите за инцидентот на натпреварот.
- И... заради нашата, по кој знае кој пат, спортска неписменост, со право не стивнуваат реакциите на ужасниот инцидент на кошаркарскиот натпревар во Куманово, на којшто, неколкумина недоветни навивачи пукаа со куршуми на омраза на нашите сограѓани Албанци, ама нè погодија сите, па и себеси и, пак, сме засрамени, вели претседателката.
Во објавата насловена (Не)научена лекција, Сиљановска - Давкова посочува дека не сме ја научиле лекцијата по натпреварот Шкендија и велшкиот шампион ТНС одржан во средината на јули.
- Во средината на јули, на мечот меѓу Шкендија и велшкиот шампион ТНС, со расистичките навреди на фудбалерот Арманд Оте, го шокиравме сиот спортски, но и поширок свет којшто со право запраша: Како е можно да се случи недоветен навивач емоционално да скрши врвен фудбалер до солзи, посегајќи по говор на омраза врз расна основа? Срамот падна на сите: на домаќинот, на клубот, на присутните, на градот, на државата, на спортот! Логичниот заклучок беше: „Не смее да се толерира ваквото однесување на ниту еден стадион, во ниту еден спорт, никогаш и никаде“, наведува Сиљановска-Давкова.
Потсетува дека првата лекција како се навива се учи дома, а потоа и во образовните институции и на натпреварот.
- Можеби за почеток, пред секој натпревар, треба да се упати предупредувачка порака до гледачите да ги исклучат лошите мисли и пораки, како што тоа го прават со мобилните телефони, оти натпреварот не е битка до смрт, туку витешка борба до заслужена победа, дека од публиката се очекува бодрење, поддршка и охрабрување, а не навредување и повредување, дека треба да победи подобриот, но и да се почитува другиот, дека навивањето е награда, а не казна. Да потсетам дека срамот не е само на оние чии зборови повредуваат, зашто ги погодуваат не само оние во салата или на теренот, туку и оние што ги гледаат и слушаат заради нивниот неограничен домет, вели Сиљановска-Давкова.
Мора да ѝ се спротивставиме на навивачката омраза, порачува Сиљановска-Давкова, додавајќи дека мора да се облагороди навивањето, да научиме како се навива и да ја засили битката против предрасудите и судири меѓу „ различните“.
-Страсното навивање никогаш не е навредливо и агресивно. Ни треба азбука на навивањето како спортско уживање, навивачко описменување, оти Пирова е спортската победа ако е проследена со физичка или говорна агресија, нагласува Сиљановска-Давкова.
Скандирањата на натпреварот ги осудија и премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието, политичките партии во земјава, Општина Куманово....
Основното јавно обвинителство Куманово соопшти дека постапува и до СВР Куманово издало повеќе наредби и насоки за испитување елементи на кривично дело при скандирањата кои содржеле говор на омраза од засега непознати лица на кошаркарски натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Романија. Оттаму посочија дека е издадена наредба и за обезбедување на снимките од видео надзор со цел идентификација на евентуални сторители.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа