Се повеќе деца во Македонија имаат крив рбет

 

Kај петстотини четириесет и седум деца се присутни сите или некои од симптомите на сколиозата (искривување на рбетот на едната страна и се појавува кај децата за време на растењето), а родителите се недоволно информирани за заболувањето, покажале резултатите од истражувањето со анкетни прашалници кои ги пополнувале родителите на децата од прво до петто одделение од 11 основни училишта на територија на општина Гази Баба.

Според резултатите од истражувањето спроведено од доктори од Првата општа болница Ремедика, повеќе од половина од анкетираните родители не го однеле своето дете на ортопедски преглед надвор од редовните систематски прегледи. 

- Само 42 отсто од родителите знааат за симптомот испакнатост на ребро или плешка, што е еден од главните знаци на сколиоза, дури 56 проценти се свесни дека кривата поставеност на телото е еден од симптомите на сколиоза, 63 проценти од нив велат дека детето секојдневно носи ранец, а 64 отсто од нив одговориле дека нивното дете спортува вон училишните активности, рече д-р Иванка Стефановска, шеф на одделението за ортопедија во болницата.

Таа појасни дека брзата трансформација на општеството и на начиот начин на живеење се одразува и врз на растот на децата бидејќи тие се се повеќе во седната положба, цел ден го поминуваат во училиште и многу малку се активни.

- Она слободно време што го имаат е некако неорганизирано и не насочено. Станува збор за сколиоза која е развојно пореметување на рбетниот столб кај децата, значи се случува во текот на растењето и она што е најважно е таа рано да се открие и рано да се почне со лекување. Многу значајно е да се спроведат активности кои ќе ја превенираат на некој начин, а тоа е активно ангажирање на децата во спортска активност, истакна Стефановска.

Токму од тие причини, посочи таа, е и разработување на идејата во смисла на ангажирање на општините кои се можеби најповиканите страни да создадат места и можности за активност на децата, да ги анимира училиштата за поголем ангажман и наставниците. 

- Сколиозата дава деформации на градниот кош, карлицата. Значи фунцкионирањето на сите органи во градниот кош и стомачната празнина може да биде нарушено како резултат на сколиоза. Деформитетот дава натаму болки во долните екстремитети и намалување на виталниот капацитет на белите дробови итн. Хирушкиот третман е навистина сериозен зафат, додаде Стефановска. 

Појасни дека истражувањето кое биле спроведено во три скопски општини Центар, Аеродром и Гази Баба покажало дека информираноста на родителите е на незадоволително ниво.

- Информираноста на родителите во Гази Баба е повисока споредено со останатите општини, додаде Стефановска. 

Градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски рече дека доколку навреме не се преземат одредени активности сколиозата може да биде и голем проблем за здравјето на децата.

- Податоците кои ни ги презентираа стручни лица од болницата покажуваат дека граѓаните не се доволни информирани за сколиозата, дека заеднички треба да работиме на ова поле, да се намали појавата на заболувањето. Треба да се подигне свеста, информираноста и активно вклучување на родителите кои секојдневно треба да работат со своите деца и да ги насочуваат на правилен и здрав развој, посочи Трајковски.

Една од превентивните мерки кои ги преземаме, укажа градоначалникот, е зголемување на бројот на спортски активности во училиштата.

- Општината повеќе години наназад ги организира неколкуте лиги кои се во рамки на општинскиот сојуз на училишни спортови. Со спортските активности се опфатени околу 1.000 ученици. Тоа не е доволно ако тие спортски активности не продолжат во попладневниот период од денот кога учениците се дома и многу од нив користат компјутери. Ќе продолжиме со градење спортски катчиња, спортски капацитети кои ќе можат граѓаните да ги користат во слободното време, додаде Трајковски.

Со истражувањето, спроведено со цел да се утврди до кој степен се информирани родителите за тоа што значи сколиоза, кои се првите знаци кои треба да ги забележат кај нивните деца и кои активности треба да ги преземат за да таа не се појави, биле опфатени 4.979 испитаници (од кои 3.828 од македонска, а 1.151 од албанска националноаст)

24.02.2014 - 14:00

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега