Нова мерка од Владата - и астматичарите нема да работат до вторник

 

Владата на Република Македонијана денешната седница усвои и нови мерки за заштита од загадениот воздух. Новите мерки предвидуваат ослободување од работни обврски не само за бремените жени и лицата над 60 годишна возраст, туку и на лицата заболени од астма со препорака од матичен лекар.

Овие мерки беа усвоени по податоците од УХМР дека временската состојба ќе остане непроменета до вторник. На седницата, како прва приоритетна точка беше разгледана ситуацијата со квалитетот на воздухот и беа продолжени и досегашните мерки за заштита од загадениот воздух се до 24 декември.

Како што информираше министерот за животна средина и просторно планирање, Абдилаќим Адеми на седницата беше разгледана можноста и за субвенционирање на за замена на старите печки со нови од страна на Министерството за економија, како и субвенции за граѓаните од страна на Град Скопје за чистење на оџаците.

-Идејата е доколку Градот Скопје може да субвенционира 50 отсто од трошоците, а министерството за здравство да продолжи со патронажната служба кај старите лица, бидејќи апелот е тие да не излегуваат надвор од своите домови, рече Адеми.

Министерот информираше дека веќе се изготвени брошури кои се делат низ Скопје, Тетово, Кичево и Битола. Целта на брошурите е да се информираат граѓаните за штетните влијанија од користењето на неквалитетни дрва и гориво.

-Исто така апелираме до општините Тетово, Битола и Кичево да направат анализа или анкета за видот на користење на гориво за затоплување по примерот на градот Скопје, како и препорака да се избегнуваа организирање на спортски натпревари и други културни манифестации на отворено се до вторник, додаде министерот Адеми.

Владата ќе одржи уште една седница во вторник, кога ќе одлучи дали мерките за заштита ќе продолжат да важат и понатаму.

21.12.2013 - 13:01

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега