Седници на четири собраниски комисии

 

Во македонското Собрание денеска седници ќе одржат комисиите за финансирање и буџет, за труд и социјална политика, за економски прашања и Законодавно - правната.

Комисијата за финансирање и буџет ќе го разгледува предлог-буџетот на Република Македонија за 2014 година и предлог-законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2014 година, по скратена постапка.

На дневен ред на Комисијата за труд и социјална политика ќе се најдат предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по скратена постапка и на Законот за семејството во прво читање.

Собраниската Комисија за економски прашања треба да ги разгледа предлог-законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација и Законот за стечај и предлог-законот за вонсудско спогодување, двата во прво читање, како и за Предлог финансиски план за 2014 година на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија и Предлог-одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2014 година.

На дневен ред на Законодавно правната комисија се предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за радиодифузната дејност, за изменување на Законот за исплата на платите во Република Македонија, за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, сите по скратена постапка, како и првото читање од предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за семејството. Предвидено е членовите на Комисијата да ги разгледаат и првите читања од предлог-законите за заклучување на стечајните постапки отворени согласно Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација и Законот за стечај и за вонсудско спогодување и Предлог-измената на Водостопанската основа на Република Македонија од 1968 за акумулацијата Бучин.

На сендицата на Законодавно-правната комисија се и предлог-законите за задолжување на АД МЕПСО со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем по Проектот „Ревитализација и модернизација на преносната мрежа и управување со електроенергетскиот систем“ без државна гаранција, за изменување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и за изменување на Законот за платниот промет, сите по скратена постапка.

29.11.2013 - 08:39

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега