Новите заменици на правобранителот дадоа свечени изјави

 

 

По свечената изјава пред претседателот на македонското Собрание, Македонија од денеска и официјално, има прв заменик на правобранителот од ромска етничка заедница. Заменик на правобранителот во канцеларијата во Скопје ќе биде Васка Бајрамовска Мустафа. Свечени изјави денеска дадоа и новоизбраните заменици на народниот правобранител Елена Ѓоргоноска Маневска, Насер Весељи, Ирина Стојановска, Васил Јовановски, Славчо Тимов и Даут Селими.

- Да се биде заменик народен правобранител исто како и народен правобранител претставува чест, предизвик, но и голема одговорност особено ако си од етничка заедница која не припаѓа на мнозинството. Се надевам дека во едно мултиетничко општество како што е Република Македонија успешно ќе ја извршувам оваа работа и ќе ја оправдам довербата што ми е дадена, изјави Бајрамовска Мустафа. Таа претходно седум години работела како државен советник во одделението за заштита на деца и на лица со посебни потреби во Канцеларијата на правобранителот.

Народниот правобранител Иџет Мемети изјави дека замениците правобранители ќе помогнат во решавање на се поголемиот број претставки за заштита на човековите права и слободи. Меџити рече дека бројот на претставки во споредба со лани е зголемен и потсети дека 2012 била со најголем број претставки досега. Треба, вели Мемети, да се направи длабока анализа зошто многу граѓани се обраќаат до правобранителот, дали поради кршење на човековите права и слободи или се работи за нешто друго. Најголем број претставки лани се однесуваа на потрошувачките права. 

- Мислам дека успеав овие три месеци, пред да дојде до изборот, да консултирам поголем круг луѓе за да дојдам до раководители на подрачните канцеларии се со цел поквалитетна заштита на човековите слободи и права. Некои од кандидатите веќе биле на оваа функција, а првпат имаме заменик правобранител од ромската заедници во Скопје Васка Бајрамовска Мустафа, изјави народниот правобранител.

ФОТО: МИА

најчитано сега