Еве како Грците му го честитаа 8ми Септември на Претседателот Иванов

 

 

Во честитката која што македонскиот претседател ја прими од грчкиот претседател, Н.Е. Каролос Папуљас се наведува: „Во името на грчкиот народ, ви упатувам честитки по повод Националниот ден, со најискрени желби за мир, напредок и просперитет на Вашата држава.

Претседателот на Народна Република Кина, Н.Е. Си Џинпинг во својата честитка порачува дека во изминатите неколку години, билатералните односи меѓу Кина и Македонија се развиваа беспрекорно, додавајќи дека кај двете страни и натаму се продлабочува меѓусебната политичка доверба и е постигнат позитивен напредок во соработката на полето на економијата, културата, но исто така и на други полиња. „Високо го ценам развојот на односите меѓу Кина и Македонија и подготвен сум да соработувам со Вас врз основа на начелата на меѓусебно почитување, еднаквост и меѓусебна корист со цел да се зајакне соработката на различни полиња и да се унапреди сеопфатниот и темелен развој на пријателските односи и соработка меѓу Кина и Македонија“, пишува во честитката на кинескиот претседател Џинпинг.

Во честитката на францускиот претседател, Н.Е. Франсоа Оланд се наведува: „Благодарение на вашата посветеност, посакувам забележителниот и брз напредок да и овозможи на Македонија да напредува во процесот за европско приближување  и за членство во НАТО. За таа цел многу е важно сите политички чинители од вашата земја да можат да дадат предност на најважниот интерес на Македонија и да учествуваат во работата на Собранието за да се усвојат реформите за кои меѓународната заедница смета дека се неопходни. Посакувам да продолжиме со отпочнатиот дијалог, во рамки на процесот од Брдо, но и на билатерален план, во полза на нашите две земји“, пишува во честитката на францускиот претседател Оланд. 

Претседателот на Република Турција Н.Е. Таип Ердоган  честитајќи ја 23 годишнината од независноста на Република Македонија изразува увереност дека блиските односи и соработката помеѓу Турција и Македонија, кои што се потпираат на цврсти историски и заеднички вредности, во взаемна корист се повеќе ќе се развиваат на сите полиња и ќе продолжат да придонесуваат за стабилноста во регионот. „Особено би сакал да потенцирам дека со почит ги следиме и ги поддржуваме напорите на Република Македонија околу отстранувањето на пречките пред себе и со сплотувањето во Европа и Евро-Атлантските институции да се придонесе во зацврстување на културата за соработка во Балканските земји“, пишува турскиот претседател Ердоган.

Украинскиот претседател Н.Е. Петро Порошенко посакувајќи мир и просперитет за Република Македонија, во честитката порачува: „Сигурен сум дека пријателските односи меѓу Украина и Република Македонија плодно ќе се развиваат во сите сфери на заемната заинтересираност“.

 

Претседателот Иванов прими честитка и Н.В. Филип, Крал на Белгија со желби за благосостојба и просперитет на граѓаните на Република Македонија.

 

Претходно, честитки дo претседателот Иванов по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија упатија и претседателот на Соединетите Американски Држави, Н.Е. Барак Обама, претседателот на Сојузна Република Германија Н.Е. Јоахим Гаук, претседателот на Република Унгарија Н.Е. Јанош Адер, претседателот на Словачката Република Н.Е. Андреј Киска, претседателот на Арапската Република Египет Н.Е. Абдел Фатах ал-Сиси, генералниот гувернер на Канада Н.Е. Дејвид Џонстон, Н.В. Кралицата Елизабета II, Н.В. Вилем-Александар, Крал на Кралството Холандија, императорот на Јапонија Н.В. Акихито и Кралот на Мароко, Н.В. Мохамед VI.

17.09.2014 - 11:20


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега