Костовски: Дали УЈП го игнорирала законот и овозможила нелегално работење на клубот „Пулс“?

 


Продолжуваат да излегуваат нови, загрижувачки детали за институционалните пропусти кои можеби довеле до најстрашната трагедија во поновата историја на Македонија, во која животот го загубија 59 млади луѓе, изјави на денешната прес-конференција, Мартин Костовски, организационен секретар на СДСМ.

„Објектот познат како дискотека „Пулс“ во Кочани, каде се случи трагедијата, работел нелегално – тоа веќе е документирано и потврдено. Тоа е дел од активната истрага која треба да даде одговори, но и да утврди одговорност кај институциите чии пропусти се сѐ поочигледни.


Денес, отвораме нов и мошне сериозен аспект од оваа трагедија – улогата на Управата за јавни приходи.

Според податоците објавени во Бизнис мрежа, фирмата „ММММ Кафе“, сопственик на дискотеката „Пулс“, работела со блокирана сметка дури 217 дена. Евидентирана блокада, која сѐ уште не е тргната, била заведена на 16 август 2024 година.


И тука се поставува суштинското прашање:

Дали Управата за јавни приходи требала да го затвори клубот уште во септември 2024 година?


Според член 117 од Законот за стечај, ако фирма има блокирана сметка повеќе од 45 дена и не исплаќа плати и придонеси подолг период, УЈП има законска обврска да поднесе барање за отворање стечајна постапка и да предложи мерки за обезбедување на имотот. 

Ако блокадада била заведена на 16 август 2024 година, тоа значи дека веќе до крајот на септември Управата требала да постапи, а клубот „Пулс“ требал да биде затворен.

Но, клубот продолжил да работи. И 59 животи беа загубени.

Ова не се технички грешки. Ова се системски прашања. Затоа, денес, СДСМ поставува неколку директни, но неопходни прашања до истражителите, до МВР, до Јавното обвинителство:

Дали е точно дека Управата за јавни приходи не постапила по своја законска обврска согласно член 117?

Кој во УЈП бил надлежен да го поднесе барањето за стечај и зошто тоа не било направено?

Дали некој ја стопирал постапката? И ако да – зошто? Со каква цел?

Дали ова е уште еден случај на неажурност, или станува збор за заштита на нередовности и политички врски?

СДСМ не изнесува заклучоци. Но СДСМ бара одговори.

Трагедијата во Кочани не е последица на една грешка – туку на ланец од институционални пропусти. Секој пропуст мора да биде идентификуван. Секој виновник мора да биде повикан на одговорност.

Државата мора да покаже дека законот важи за сите. И дека никој – ама баш никој – не смее да биде над него“, вели Костовски.

26.03.2025 - 13:05

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега