Партиите ја чекаат поканата на Филипче за да се кажат дали ќе учествуваат на средба, ДУИ условува
Парламентарните партии ќе ја чекаат официјалната покана од лидерот на СДСМ Венко Филипче па потоа ќе се изјаснат дали ќе учествуваат на средба, додека ДУИ условува со поддршка за формирање на Комисија со меѓународни набљудувачи за истрагата за пожарот во Кочани.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче на Донаторската вечер за помош на семејствата на настраданите и повредените во пожарот во Кочани најави дека идната недела во Собранието ќе ги повика на средба лидерите на најголемите политички партии на кои ќе им го презентира неговиот план - што тој смета дека е обврска да се направи за државата бидејќи, рече, „очигледно е дека конвенционалните начини на водење на политика, на политичка борба, не даваат доволно брзо резултати“.
-Не се доволни само зборовите дека ни е потребно единство, дека ни е потребно некакво обединување. Тоа треба да го претвориме во вистински дела и вистински чекори зашто тоа е нешто што најмалку може да го направиме за 60-те семејства, 59 кои останаа без деца, другите што кои имаат стотина деца на лекување и, секако, целото општество кое гледаме сега како бара некакви промени. Младите излегуваат на улица и бараат промена, а младите се категорија граѓани кои не ги интересира ниту минатото, ниту сегашноста, туку ги интересира иднината. И ние треба добро да размислиме како политичари што треба да направиме, рече Филипче.
Од Владата денеска посочија дека немаат добиено иницијатива од СДСМ, но дека тие и премиерот се отворени за секаков предлог и иницијатива за помош.
-Не е пристигнато официјално барање до Владата, ниту пак има иницијатива од СДСМ. Забележани се само најави од медиуми. Вакви сериозни ситуации налагаат сериозен пристап. Владата и премиерот се отворени за секаков предлог и иницијатива која има за цел да помогне, велат од Владата.
Од Левица, пак, наведуваат дека ќе го кажат својот став дали ќе учествуваат на ваква средба откако ќе го дознаат нејзиниот формат и планот.
Ова не е време за калкулации, ниту за политички маневри и договори, посочуваат од Левица, туку за дејствија на сите нивоа на власта - за да се создаде безбедноста и осигура одговорноста.
-Откако ќе дознаеме за форматот и планот за таа лидерска средба ќе дадеме и став за наше потенцијално присуство. Но, наместо политичарите да се среќаваат на средби, треба Собранието да работи транспарентно и одговорно кога тоа е најмногу потребно - за да се отворат прашањата за трагедијата во Кочани преку легитимни и ефективни демократски методи, и да се создаде политички амбиент за отворање на прашањата поврзани и со претходните немили настани за кои граѓаните бараат одговорност - како модуларната во Тетово, Дурмо турс и тн, посочуваат од Левица.
Институциите, велат од партијата, мора да делуваат брзо, ефикасно и без компромис.
Се изјасни и од владината коалиција Вреди. Тие сметаат дека претседателот на СДСМ Венко Филипче нема кредибилитет да повикува на лидерска средба.
-После најавите од СДСМ дека ќе бараат Анкетна комисија за Кочани, кое очигледно е во координација со нивните пулени ДУИ, кои наивно веруваат дека можат да се претстават како лажни жртви на политички прогон, господинот Венко Филипче потврди дека има намера да ја политизира колективната трагедија и со тоа нема кредибилитет да повикува на лидерска средба. Доволна им е координацијата со ДУИ, се наведува во коалицискиот став на Вреди испратен до медиумите.
Партијата ЗНАМ ќе се изјасни дали ќе учествува на лидерска средба откако ќе ја добие иницијативата што ја најави Филипче.
-Да ја добиеме иницијативата и да ја видиме, па ќе се изјасмиме, изјавија од партијата.
Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) посочија дека прво мора да се формира парламентарна комисија со меѓународен надзор, а потоа да се размислува за други чекори.
-Затоа, ги повикуваме сите пратеници кои не сакаат една од најголемите трагедии во државата да заврши со најголемата правна фарса на селективна правда и заробување на државата, денеска да ја потпишат иницијативата на „Европскиот фронт“ за формирање на оваа комисија, посочуваат од ДУИ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа