Каматната стапка на благајничките записи се зголемува на 1,5 проценти

 

Каматната стапка на благајничките записи се зголемува за 0,25 процентни поени и отсега ќе изнесува 1,5 проценти, одлучи Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.

Одлуката, како што соопшти денеска Народната банка, е донесена како превентивен одговор на растечките инфлациски очекувања во услови на задржани оцени за отсуство на поизразени притисоци од домашната побарувачка и присутни надолни ризици за неа во следниот период

– При донесувањето на ваквата одлука во фокус беа најновите движења кај инфлацијата и инфлациските очекувањаИнаку, износот на понудата на благајнички записи на денешната аукција е непроменет, односно 10 милијарди денари, информира централната банка. 

На состанокот на Комитетот за оперативна монетарна политика одржан вчера биле разгледани најновите движења на меѓународните и домашните финансиски пазари.

– Најновите податоци покажуваат дека инфлацијата продолжи да забрзува и во март 2022 година достигна годишна стапка од 8,8 проценти. Главните фактори на поместувањата на ценовното ниво и понатаму се факторите на страната на понудата, односно цените на енергијата и на прехранбените производи, поради растечките увозни цени. На нив отпаѓа повеќе од три четвртини од растот. Сепак, имајќи предвид дека тие се влезен инпут кај повеќе други производи и услуги, а застојот кај синџирите за производство ги поскапува и другите увозни производи, најновите податоци покажуваат дека растот на цените станува пошироко распространет. Ова заедно со подолготрајниот ценовен притисок од првично очекуваните придонесува и за нагорни поместувања на инфлациските очекувања. Поизразени притисоци од побарувачката врз цените засега не се забележуваат, а воениот конфликт во Украина ги нагласува надолните ризици за домашната побарувачка во следниот период, стои во соопштението од Народната банка.

Оттаму информираат дека по иницијалниот притисок на девизниот пазар, кој вообичаено се случува во сите кризи, а којшто во голема мера беше поттикнат од неоснованите шпекулации за курсот, притисоците постепено се намалуваат и главно се поврзани со повисоката побарувачка од енергетскиот сектор, додека понудата од менувачниците бележи солиден раст надминувајќи го нивото и од пред пандемијата.

Девизните резерви остануваат на високо ниво согласно со сите меѓународни стандарди, а според прелиминарните податоци за март, годишниот раст на кредитите е солиден и е над проектираниот за првиот квартал од годинава, согласно октомвриската проекција.

13.04.2022 - 12:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега