Зелен хуман град: Индустријата лобира да ѝ се врати дозволата за увоз на отпад што ќе го согорува
Најголемиот загадувач – индустријата, лобира за законски измени да ѝ се врати дозволата за увоз на отпад што ќе го согорува, предупредуваат од Зелен хуман град. Активистите на Граѓанската иницијатива тврдат дека деновиве кога Македонија се најде на врвот од најзагадени земји во светот, има обид на индустријата да си овозможи уште повеќе да гори отпад така што повторно ќе ѝ се дозволи законски увоз на отпад за горење.
-Спалувањето на отпадот е спротивно на концептот нула отпад. Тоа е штетен, загадувачки, скап и неефикасен процес кој ги заробува градовите во безизлезна ситуација со тоа што тие се принудени да произведуваат многу отпад за да го нахранат инцинераторот, поткопувајќи ги напорите за намалување на создавањето отпад или зголемување на стапките на рециклирање.
Втор голем проблем со спалувањето отпад е што за еден таков процес високоризичен по човековото здравје е неопходно да постојат институции и држава, што со Македонија не е случај. Дури и тие земји каде што системот функционира имаат проблем со остатоците од процесот на инцинерација (спалување) и увезување на отпадот.
Лекарската комора на Словенија има изјавено дека во емисиите од инцинераторите има многу токсини опасни за бремените жени и за развојот на децата кои предизвикуваат голем број на болести и случаи на прерана смрт. Во услови на отсуство на институции, најдоброто што можеме да го направиме со отпадот што не се биокомпостира, а „гние“ по депониите, е да го извезуваме зашто постојат земји што купуваат, а каде што институциите и законите функционираат, велат од Зелен хуман град.
Зелен хуман град порачува дека на македонското општество му се неопходни научно-базирани и конзистентни чекори кон истата цел – нула отпад и енергетска независност. Истовремено, 24-часовна ригорозна надворешна контрола врз загадувачката индустрија со неселективни строги санкции за прекршувачите на законот. Единствено така можеме вистински да го решиме загадувањето и да ги заштитиме животите на нашите сограѓани.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа