Засилени контроли во Охридското Езеро
Осумнаесет прекршоци за неисправност и непочитување на правилата за пловење изрече Капетанија на пристаништа, по засилените контроли во Охридското Езеро, информираат од Капетанија на пристаништата, соопшти Министерството за транспорт.
По извршените редовни и вонредни контроли над пловилата, се наведува, констатирани се прекршоци во делот на ноќно пловење како и претовар на патници.
Илија Арнаудоски капетан во Капетанија на пристаништа најави засилени контроли на пловилата во соработка со езерската полиција.
-Направени се три редовни надзори на бродови, четири вонредни надзори на катамарани, два вонредни надзори на пасари со надградба-тоа се бродови до 12 патници, како и 19 вонредни надзори на кајчиња. Од извршените вкупни надзори констатирани се 18 прекршоци на чамци и тоа за ноќно пловење, непоседување уверение за управувач на чамец, неистакната регистарска ознака и еден катамаран е казнет за претовар на патници. Во следните месеци, а посебно во летниот период најавуваме зголемени инспекциските надзори во соработка со езерската полиција, вели Арнаудоски.
Тој повторно упати апел до сите учесници во внатрешната пловидба, навремено да ги регистрираат своите чамци, да ги извршуваат обврските на пловилата и да се придржуваат до правилата и мерките за безбедна пловидба, стои во соопштението од Министерството за транспорт.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа