Во Кисела Вода отворен нов парк со сообраќаен полигон
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, вечерва свечено го отвори новиот парк со прв инклузивен сообраќаен полигон во општината, простор наменет за игра, учење и развој на сите деца, вклучително и на децата со попреченост.
На местото на поранешниот запоставен простор, информираат од локалната самоуправа, општината доби нов, современо уреден простор од околу 1.250 квадратни метри, лоциран во рамки на Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“. Паркот е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за подобрување на животната средина и создавање нови зелени површини. Во изминатите четири години, беа оформени и уредени над 80.000 квадратни метри ново зеленило, со што значително се унапреди квалитетот на живеење. Полигонoт, пак, е прилагоден за потребите на сите деца и опремен со пристапни патеки, визуелни елементи и тактилни површини.
-Грижата за лицата со попреченост е еден од врвните приоритети во нашата работа. Отворањето на овој парк и инклузивен сообраќаен полигон е конкретен доказ за тоа. Се наоѓаме во училиште кое има специјална задача, да обезбеди образование и поддршка за децата со оштетен вид, и не случајно, токму тука вложуваме во инфраструктура која е достапна и корисна за сите. Уште на почетокот на мојот мандат, започнавме да ја поддржуваме оваа установа со донација на книги напишани на Брајова азбука за училишната библиотека. Денес, таа поддршка добива и просторна димензија. Но, со овој парк испраќаме и друга силна порака - дека Кисела Вода останува посветена на создавање зелени, чисти и функционални површини што ќе им служат на сите генерации. Од депонии правиме паркови. Од запуштени простори, безбедни и уредени катчиња за децата. И тоа е визијата со која продолжуваме да ја менуваме општината на подобро, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Во Кисела Вода по извршената реконструкција, се наоѓа првото целосно инклузивно основно училиште во државата, „Кузман Јосифовски Питу“, како и првата инклузивна јавна детска градинка во Скопје. Со ваквите проекти, локалната самоуправа покажува дека грижата за најранливите категории не е само декларативна, туку реална и видлива на терен
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа