Филмска потера на автопатот од Градско кон Скопје: Оштетиле рампи, удрил во две возила и нападнале полицаец
Полициски службеници вчера околу 22:30 часот ги лишиле од слобода Г.Л.(24) и Б.Л.(18), двајцата од Косово, затоа што во возилото „фолксваген кеди“ со косовски национални ознаки, кое го управувал Г.Л., а совозач бил Б.Л., биле пронајдени осум лица мигранти од Народна Република Кина. Како што информира МВР, околу 21:40 часот возилото било забележано како се движи на автопатот од Градско кон Скопје, не застанало на даден знак за запирање и продолжило со движење.
-Додека бегал од полициските патроли, возачот со возилото ја оштетил наплатната станица Градско, во Катланово, во движење удрил во возило „опел инсигниа“ со странски регистарски ознаки, како и направил штета и над мотоцикл со македонски регистарски ознаки. Потоа ја оштетил и рампата на наплатната станица Петровец. Откако продолжил со движење, кај клучка Приштина на обиколница Скопје возачот изгубил контрола и со возилото излетал од патот, по што и физички нападнал полициски службеник во обид да избега, но бил совладан и лишен од слобода, соопшти МВР.
При преземање мерки за запирање на возилото, се додава во соопштението, полициски службеници испукале предупредувачки куршуми, при што никој не бил повреден. Лицата биле задржани во полициска станица, а мигрантите биле сместени во транзитен центар.
По целосно документирање на случајот, Одделението за прекуграничен криминал странци и реадмисија при Регионалниот центар за гранични работи Север ќе поднесе соодветна пријава.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа