Тркалезна маса: Уставниот суд - нејнереформираната институција во државата во изминатите 34 години
„Дали ни е потребен Закон за Уставниот суд?“ е тема на денешната тркалезна маса што се одржува во Уставниот суд која има за за цел да отвори дебата за потребата од донесување на посебен закон што би го регулирал работењето на Уставниот суд, преку дијалог меѓу претставници на институциите, правната струка и граѓанскиот сектор.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во воведниот говор порача дека според неа Уставниот суд одамна требало да се реформира и дека добро е што дебатата за ова денеска се случува, токму во најнереформираната институција.
- Ако ме прашувате, јас сум за поширока надлежност на Уставниот суд. Поширока надлежност не може да се регулира со носење закон. Прво да се прошири листата на заштита на слободи и правата. Понатаму, да прецизираме дека од потпишувањето на меѓународните договори до стапување во сила, Уставниот суд да има право на интервенција, нагласи Сиљановска Давкова.
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, на отворањето на дебатата, порача дека за ова прашање низ изминатите 30-тина годините има две константи кои се комплементарни - првата константа, зошто и кому му е потребен статус кво во уставното судство, и втора константа е дебатата за изборот, кој се смее да биде уставен судија и работата на Уставниот суд. Двете константи се, вели, комплементарни.
- Според мене потребен е Закон за Уставен суд. Но, не каков било, туку 2/3 закон или да се примени хрватскиот модел и да се донесе уставен закон со што ќе се доуреди работата на уставните судии, нагласи Костадиновски.
Граѓаните, според Костадиновски, треба да знаат кои се уставните судии и тие треба јавно да излезат и така да се воспостави брана кој се може да биде уставен судија
Воведни обраќања на дебатата имаа и Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија, Петра Дрекслер, амбасадорка на Германија и Анџела П. Агелер, амбасадорка на САД.
Потоа ќе следува презентација на наодите од анализата за потребата од донесување на Закон за Уставниот суд, изработена во рамки на ЕУ-финансиран проект, со говорниците Карстен Манке, тим лидер, и вишите правни експерти Мартин Сопронов и Маргарита Цаца Николовска.
Ставовите на судиите од Уставниот суд ќе ги образложат судиите Ана Павловска-Данева и Татјана Васиќ-Бозаџиева, додека, мислења од претставници на правната струка ќе споделат професорите Тања Каракамишева-Јовановска, Јетон Шасивари, Денис Прешова и Рената Дескоска.
Од граѓанскиот сектор ставовите ќе ги изнесат Дарко Аврамовски од Коалиција „Сите за правично судење“ и Бојан Трпевски од Асоцијација на млади правници на Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа