Стоилковски: ДКСК да отвори постапка за вработувањето на сопругата на Бочварски и нејзината сестра во штипската болница

Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, кажа дека Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) мора да отвори за испитување на вработувањето на сопругата и сестрата на сопругата на министерот Благој Бочварски во Клиничката болница - Штип.

„Според јавно достапни информации, сопругата на Бочварски и нејзината сестра, двете во ист ден, без оглас, биле вработени во штипската болница. Се работи за општи доктори коишто немаат ниту шестмесечен стаж по дипломирање, а се вработени во специјалистичките оддели на Интерна и на Педијатрија во Клиничката болница - Штип. Министерот Бочварски се венчава во мај годинава, а еден месец потоа, неговата сопруга и нејзината сестра се вработуваат под државна капа.Постојат силни индиции дека станува збор за непотизам, за злоупотреба на позиција, за изигрување на системот за вработување без оглас“, вели Стоилковски.

Стоилковски побара од ДКСК да даде одговори за неколку прашања.

„Дали е точно дека сопругата на Бочварски и нејзината сестра се вработени како општи докторки на специјалистичките оддели на Интерна и на Педијатрија во Клиничка болница - Штип, со дозвола на директорот на болницата, член на клептоманската СДС, Ален Ѓорѓиев?.

Дали е точно дека сопругата на Бочварски и нејзината сестра се ухлебени во штипската болница речиси директно „од клупа“, со неполни три месеци стаж во приватна здравствена установа?

Дали е точно дека сопругата на Бочварски и нејзината сестра се вработени во ист ден во штипска болница без оглас распишан од болницата?

Дали Благој Бочварски ја злоупотребил својата позиција како министер за да го изигра системот и без распишан оглас неговата сопруга и нејзината сестра да се вработат во штипската болница?“, прашува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Стоилковски обвини дека Македонија се дави во корупција која што доведува до страшна и длабока сиромаштија.

„Една од функциите на ДКСК е да спречува корупција и да реагира навремено. Со затајување на ДКСК, институцијата станува соучесник во девастацијата на системот, соучесник во злоупотребите и соучесник во растот на корупцијата и со тоа во осиромашувањето на граѓаните. Институциите и буџетот на Македонија повеќе не може да издржат ухлебување на семејства и миленици на антимакедонската власт. Ова мора да има крај“, кажа тој.

26.09.2022 - 13:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега