ССМ: Бесими да прочита што е предвидено во закон и колективен договор
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) испрати реакција до министерот Бесими.
„Го потсетуваме Министерот Бесими дека Владата на седницата на ЕСС на која се утврди зголемувањето на минималната плата и пред целокупната јавност изјави дека по зголемувањето на минималната плата следува период на усогласување на платите во рок од 6 месеци.
Загрижени сме од изјавите на Министерот за финансии Бесими кој се однесува како истиот да не седел на седниците на ЕСС и како Министерството за финансии да не е дел од Владата.
Изјавата дадена во текот на вчерашниот ден, а пренесена преку медиумите како реакција на ССМ дека , „Не е адресата Министерството за финансии. Важно е да знаеме дека во делот на преговори ние во конкретниот случај во фаза кога се работеше ребалансот, немаше завршени преговори или решение, ние не можеме да предвидиме работи кои не се дефинирани. Дека е ветено нешто, тоа не можам да ви го потврдам, во однос на ребалансот. Но, дека се разговара, се разговара“, изјави Фатмир Бесими- Министер за финансии.“ не е издржана од следните причини:
1. Денеска во целост се побива она што јавно го кажува Министерот Бесими преку соопштението од нашиот братски Синдикат на УПОЗ при ССМ во кое ја изразуваат загриженоста поради тоа што Министерот за финансии иако требало како што вели да предвиди работи кои се дефинирани, истиот не го почитува Гранскиот Колективен договор за органите на државната управа, стручните служби на Владата на Република Северна Македонија, судовите, јавните обвинителства, казнено – поправните и воспитно – поправните установи, државното правобранителство, единиците на локалната самоуправа, агенциите, фондовите и центрите за социјални работи и другите органи основани од Собранието на Република Северна Македонија. Во реакцијата од страна на Синдикатот на УПОЗ се вели „Исто така загрижува и фактот што во Предлог – ребалансот на Буџетот за 2022 година, не е предвидена исплата на регрес за годишен одмор за 2022 година, право кое е предвидено согласно членот 21 од Гранскиот Колективен договор за органите на државната управа, стручните служби на Владата на Република Северна Македонија, судовите, јавните обвинителства, казнено – поправните и воспитно – поправните установи, државното правобранителство, единиците на локалната самоуправа, агенциите, фондовите и центрите за социјални работи и другите органи основани од Собранието на Република Северна Македонија.“ не предвидел средства!
2. Согласно Законот за минимална плата член 8 знаел дека сите плати мора да се усогласат согласно порастот на минималната плата во рок од 6 месеци истиот не предвидел средства за зголемување на платите во ребалансот на буџетот.
Поради горе наведеното токму Министерството за финансии е адресата и одговорноста е на министерот Бесими да обезбеди почитување на Законите и колективните договори и за тоа да обезбеди средства особено со ребалансот, а во спротивно произлегува дека свесно ја оштетува Државната каса за доплнителни трошоци за водење на постапки против Државата од работниците кои доколку не ги добијат заслужените плати и додатоци согласно Закон и Колективен договор, работниците по судски пат ќе си го наплатат трудот со дополнителни трошоци кои ќе се плаќаат од Државна каса .
ССМ токму на негова адреса испрати допис за средби од кои последниот во понеделникот 23.05.2022 година по кој наместо да не повика на дијалог истиот ни се обраќа преку медиумите со неиздржани изјави – оправдувања и на таквиот начин се крие од работниците и нивните претставници и бега од одговорноста за непредвидените пари за плата и додатоци за работниците кои биле негова обврска од Закон и Колективен договор во ребалансот на буџетот кој е над 900 милиони евра“, реагираа од ССМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа