Средба со директорот за статистика на ММФ: Народната банка со нови достигнувања во статистиката

 

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерите Фадил Бајрами и Ана Митреска, на средбата со директорот за статистика на ММФ, Алберт Крусе, одржана на маргините на Пролетните средби на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд разговарале за напредокот и за идните планови на Народната банка во областа на статистиката.

Директорот Крусе, како што соопшти денеска Народната банка, искажал задоволство од натамошниот напредок на Народната банка во областа на статистиката, со позитивна оцена за квалитетот, обемот и навременоста на објавените податоци, коишто се во согласност со највисоките меѓународни стандарди.

Притоа, било нагласено дека Народната банка прибира, изготвува и објавува податоци според највисокиот статистички стандард СДДС плус на ММФ, транспарентно и навремено, во согласност со Календарот за објавување податоци.

Делегацијата на Народната банка, како што се анведува во соопштенито, ги посочила напорите за унапредување на комуникацијата со јавноста, преку визуелно појасно прикажување на податоците, медиумска активност и интеракција на социјалните мрежи.

Гувернерката истакнала дека Народната банка постојано работи на развивањето нови сетови статистички податоци и на нивната достапност за пошироката јавност. Така, од октомври 2024 година, сетот на податоци за финансиските сметки е збогатен со квартални и со годишни консолидирани состојби, а до крајот на 2025 година би требало да бидат објавени и податоци за финансиските текови по сектори.

На средбата, како што велат од Народна банка, се зборувало и за подобрувањата во екстерните статистики, коишто овозможија скратување на роковите за изработка и за доставување на месечните податоци за билансот на плаќања и кварталните податоци за меѓународната инвестициска позиција до Евростат, во согласност со стандардите и барањата на ЕУ.

-Во областа на монетарната статистика е започната и доброволна размена на податоци за каматните стапки со Европската централна банка, се наведувва во сооопштението. 

Делегацијата на Народната банка посочила дека со цел да се зајакне поддршката на известувачите и да се намали товарот за известување за статистички податоци, се продолжило со активностите за поголема дигитализација на процесот на известување.

-Во оваа смисла, како што додаваат од Народна банка, се работи и на поедноставено известување на банките за статистички цели за платежните трансакции со странство и на усогласување со стандардите на СЕПА. Исто така, постепено се заокружуваат активностите поврзани со долгорочниот проект за воспоставување систем за детално известување за потребите на статистиката и супервизијата ИСИДОРА, истакнуваат од Народна банка.

На средбата било истакнато дека Народната банка активно соработува со ММФ на нови иницијативи во областа на статистиката и следењето на методолошките препораки заради постигнување подобар квалитет на податоците. Со цел да се направат методолошки подобрувања на податоците за дознаките и за останатите компоненти од платниот биланс, врз основа на препораките од ММФ, е изготвен предлог-модел за процена којшто е доставен до Фондот.

Од ММФ посочиле дека со помош на овие постигнувања, Народната банка се издвојува како институција којашто активно се приспособува кон светските стандарди, обезбедувајќи квалитетни и навремени статистички податоци како основа за економскиот развој и стабилност.

Делегацијата на Народната банка остварила средби и со претставници од Одделот за монетарни и финансиски прашања (МЦМ) и од Правниот оддел на Меѓународниот монетарен фонд, на кои се разговараше за сегашните активности и потенцијалната понатамошна соработка во доменот на зајакнувањето на монетарната рамка, вклучително и алатките за анализа на монетарната политика и нормативната поставеност. Била разгледана и можноста за техничка поддршка за усогласување со меѓународните добри практики и со стандардите на Фондот. 

28.04.2025 - 10:29

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега