Собранието го донесе Законот за јавен долг по скратена постапка, опозицијата критикува
Собранието вечерва во рамки на 30. седница со 60 гласа „за“ и девет „против“, го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за јавен долг, по скратена постапка. Според пратениците од СДСМ, овој Закон се носи по скратена постапка само за да се стигнат роковите кои што ги предвидува унгарскиот кредит, и се на ставот дека за ваквите закони е потребна многу поголема дебата. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ пак, велат дека унгарскиот кредит е пример како Влада која се грижи за граѓаните, постигнува договор со некоја држава.
Пратеникот Фатмир Битиќи во своето обраќање од собраниската говорница, во врска со овој Закон, посочи дека денешната седница стана простор за протнување на измени со кои треба да се санираат низа на институционални слабости, пропусти и грешки, поврзани со реализација на кредитот од Унгарија, кој во образложенито не се споменува.
Според Битиќи, ова е обид Владата на мала врата да изврши импровизации и да ги коригира сопствените пропусти во задолжувањето.
-Прашањето е кој е мотивот за оваа итност? Дали е тоа обид да се сокрие вистинската суштина и последиците од предложените измени? Одговор на овие прашања треба да даде министерката за финансии, која е директно одговорна за управувањето со јавниот долг, но нејзиниот избор е да се сокрие зад пратениците. Се изнаслушавме за историски најниска камата, но реалноста е поинаква. Таа не функционира. Не постои институционален капацитет за нивно ефектуирање, ниту кон стопанството, ниту кон кој било друг. Постои само капацитет за ефектуирање провизии, рече Битиќи.
Тој додаде дека со овие измени се предвидува создавање на можност дел од долговите на јавните претпријатија кои се проценуваат на околу 1 милијарда евра да се покријат со нерелаизирани средства од унгарскиот кредит.
Пратеникот Бојан Стојановски рече дека средствата од унгарскиот кредит ќе ги користи стопанството и компаниите, а лага е дека јавниот долг ќе биде 75 проценти.
-Замислете кој зборува, вицепремиер на Владата која што направи сто проценти зголемување на јавниот долг, се задолжија 4 милијарда, а една шајка не заковаа. За унгарскиот кредит вие треба да си го земете договорот и да си го закачите на Бихаќка и да гледате пример како Влада која што се грижи за граѓаните, постигнува договор со некоја држава, рече Стојановски.
Пратеничката Сања Лукаревска во својата реплика рече дека не треба вакви клучни, важни закони да се ставаат во функција и во интерес на тековни потреби на извршната власт, бидејќи ако ова се создаде како пракса, ќе постојат далекусежни последици.
-Доаѓаме до сознание дека од буџетот ќе се задолжува Развојната Банка и станува збор за еден специфичен финансиски инструмент. Развојната Банка веќе се задолжува кај различни други меѓународни институции и овој Закон се носи по скратена постапка, само за да се стигнат роковите кои што ги предвидува унгарскиот кредит, за што имаме соодветен лош пристап, особено бидејќи се менува системски закон. Во услови на висок дефицит и јавен долг, едно вакво решение носи свои ризици за уште поголем притисок и нивно зголемување. Иако Предлог законот предвидува одлука од Владата за секоја задолжување, сепак не е прецизирано кои и какви можат да бидат тие специфични услови, а нема ни предвидени подзаконски акти како тоа би се регулирало, рече Лукаревска.
Како што појасни, како пратеничка група не се согласуваат ваквите закони да одат по скратена постапка, и потенцираше дека дебатата не е доволна, бидејќи треба да се слушне и мислењето на Развојната Банка и на други експерти.
Собранието вечерва во рамки на 30. седница ги изгласа и измените на Законот за туристичка дејност, на Законот за градежните производи и на Законот за санитарната и здравствената инспекција. Исто така, со 63 гласа „за“ беше донесен и Законот за изменување на законот за Државен инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини, по скратена постапка.
Со 63 гласа „за“ и два „против“, Собранието го донесе Законот за изменување и дополнување на законот за заштита на конкуренцијата, а со 64 гласа „за“ и два „против“ ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за девизната инспекција, по скратена постапка.
Собранието вечерва ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за државен пазарен инспекторат, на Законот за инспекцијата на труд, како и на Законот за Народната банка на Република Северна Македонија, по скратена постапка.
За продолжение на седницата јавноста доополнително ќе биде известена.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа