Славјанка Петровска: Обидот на Русија да влијае на Балканот е еден од безбедносните ризици
Обидот на Русија да влијае на Балканот е еден од безбедносните ризици, но безбедносниот систем ги препознава овие закани и делува по нив. Вака министерката за одбрана Славјанка Петровска во интервју за Прес24 ја оценува безбедносната состојба во регионот, за која вели дека нема сериозен потенцијал да биде загрозена. Во интервјуто открива дека руското влијание оди по неколку линии, но вели дека не е време да се зборува за имиња. Но несомнено дека руски конекции има и во политичките и во бизнис сферите.
„Кога станува збор за истомисленици или поддржувачи на малициозното влијание тогаш тие може да се пронајдат и во политичките субјекти и во бизнис заедницата и тоа се поединци кои имаат задача да се претстават како економски моќни и влијателни во општеството. Се разбира, со парите кои се нелегално стекнати имаат обврска да направат своја мрежа на соработници кои во даден момент ќе треба да спроведат некоја активност која има за цел да попречи на нормалните текови во државата. Би сакала да можат да зборувам со име и презиме, целосно да ги разоткриеме и разобличиме оние кои навидум под изговорот дека се грижат за иднината на државата во суштина одработуваат туѓа агенда, но се уште не е дојдено тоа време“, вели министерката за одбрана Славјанка Петровска во интервјуто за Прес24.
„Зошто тие влијанија ги нарекуваме малициозни или злонамерни? Затоа што нивната цел е да создадат поделба во општеството, да креираат недоверба не само во институциите, туку и во рамките на една општествена заедница, затоа што на тој начин полесно ќе управуваат со процесите и во таа заедница и во целото општество. Понекогаш се случува домашни субјекти да бидат изманипулирани и да влетаат во играта, несвесни дека нивните искрени намери се злоупотребени и искористени за да се нанесе штета на општеството. И токму градењето на отпорноста на општеството во целина има задача да изгради систем на вредности и правила преку кои нема да се дозволи поткопување на националните интереси“, вели Петровска.
Иако директно не сака да зборува за руското влијание врз МПЦ-ОА, сепак индиректно потрдува дека последното протерување на руските дипломати и забраната за влез на руски свештеник е резултат на тоа.
„Северна Македонија е секуларна држава во која државните институции се одвоени од верските заедници, но кога станува збор за безбедноста на сите граѓани, ние го анализираме целиот систем и доколку се појави потреба, повторно и повторно без колебање ќе реагираме на соодветен начин“, вели министерката за одбрана.
ПРЕС24: Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ја заврши посетата на регионот со заеднички состанок на земјите членки од Западен Балкан и Словенија и Хрватска. Она што за јавноста беше достапно е дека безбедносен ризик од конфликт нема, но има сериозно руско влијание, кое исто се карактеризира како безбедносен ризик. Во кој контекст се однесуваат овие информации за руско влијание на Балканот?
ПЕТРОВСКА: Пораките кои ги пренесе Генералниот секретар на НАТО и кои соодветствуваат со нашите пораки се многу јасни. Да, Северна Македонија, како НАТО земја-членка е безбедна и стабилна и не гледаме никаков потенцијал за промена на оваа констатација. Она на што целевме кога стана збор за предизвиците со кои се соочуваме и обидите за влијание на трети земји во регионот, вклучително и во Северна Македонија се заканите и предизвиците од хибриден карактер, особено во доменот на ширењето на лажни вести и дезинформации. Русија по неколку основи сака да има свое влијание на Балканот, но она што е најважно е дека безбедносниот систем ги препознава овие закани и делува по нив. Најдобриот одговор на секоја можна закана од хибриден карактер е заедништвото и блиската соработка, координација и размена на информации. Земјите – членки на НАТО од регионот тоа го прават на дневна основа, а во оваа условно речено борба многу е важно што имаме полна поддршка и од останатите сојузници во НАТО.
Северна Македонија се соочи со негативното влијание на дезинформациите повеќе пати, а највидлив беше обидот да се дискредитираат институциите. Едниот пример беше кога секојдневно се соочувавме со лажни дојави на бомби. Но, денес тоа не е случај, што е најдобар показател дека институциите се функционални и дека изнаоѓаме решенија за овие проблеми. Вториот пример е, кој во континуитет се повторува е постојаното ширење лаги дека борбената готовност на Армијата се намалила со донациите во воена опрема и вооружување кои се дел од нашата поддршка за Украина. Или пак лагите за наводни сексуални злоупотреби во Армијата, или пак лагите дека во Армијата не се набавува опрема и вооружување.
ПРЕС24: Како оди линијата на тоа руско влијание? Кои се порозни и слаби точки, дали е тоа бизнисот, дали политичките актери, дали некои други центри?
ПЕТРОВСКА: Нашите граѓани се традиционално прозападни ориентирани, или би рекла погресивно насочени. Двете стратешки определби кои уживаат голема поддршка од граѓаните се членството во НАТО, кое успешно го завршивме и членството во Европската унија. Во борбата со овие лажни наративи насочени кон граѓаните мислам дека успеваме успешно да се носиме. Јавното мислење е под влијание на многу фактори, но фактот дека поддршката за членство во Унијата останува, покажува дека граѓаните можат да направат разлика помеѓу тоа што е реалност, а што нечија фикција која има за цел да го стопира овој процес. Секако, не смееме да запреме со нашата проактивна работа.
ПРЕС24: Министерке... Три години после членството на Македонија во НАТО со кое темпо се движи формалната интеграција, во смисла екипираност, подготвеност, опременост.
ПЕТРОВСКА: Северна Македонија е земја која може да се пофали со видливи резултати на полето на интеграцијата во НАТО – Алијансата. Алијансата го поздрави нашиот успех кога целосната воена интеграција во НАТО ја постигнавме во рекорден рок, најбрзо од сите земји – членки досега, односно само 19 месеци по полноправното членство и на тоа треба да бидеме горди. Нашата постојана мисија во НАТО е целосно екипирана, испративме и највисок воен претставник во седиштето на НАТО, а екипирана е и одбранбената мисија. Амбасадорот Дане Талески како наш прв амбасадор во Алијансата својата работа ја врши одлично. Тој со својата работа покажа дека Северна Македонија е активен сојузник кој освен во воениот дел, односно освен во доменот на колективната одбрана, дава придонес и во политичкиот сегмент на Алијансата. Овен со постојаната мисија на НАТО, Северна Македонија е присутна и во командите на Алијансата, особено во Врховната сојузничка команда на НАТО за Европа во Монс. Наскоро ќе започнеме да даваме свој придонес и во рамките на Дивизијата за јавна дипломатија на НАТО по принципот на доброволен придонес на земјата, зашто добрите резултати во работењето во областа на односите со јавноста и транспарентноста дома, сакаме да ги надградиме и со принципите и постапките во НАТО – Алијансата, а најдобар начин за тоа е нашите професионалци да имаат можност и лично да го увидат процесот на работа во седиштето на НАТО во оваа област.
ПРЕС24: Ова Ве прашуваме и во контекст на информациите во јавноста кои постоеја за нискиот процент на лица од армијата кои досега успеале да се стекнат со сертификатот за безбедност од НАТО?
ПЕТРОВСКА: Мораме да разбереме дека процесот на добивање на НАТО – сертификат е стриктно регулиран и е навистина комплексен. И, тоа не треба да го третираме како прашање кое се однесува само на Северна Македонија, туку како на постапка која е идентична за сите сојузници. Сосема е нормално во првиот период од членството да се соочиме со поголема потреба од лица со НАТО безбедносен сертификат, од она што го имаме како бројка на лица со овој сертификат дома. Но, како тече времето, како завршуваат постапките така и притисокот за пополнување на места со лица кои имаат потреба од НАТО безбедносен сертификат се намалува. Го зголемуваме бројот на обучени професионалци кои можат брзо, но непристрасно да го завршат овој процес. Она што треба да го направиме во наредниот период е да ги воедначиме постапките за издавање на национален и НАТО сертификат. Во Министерството за одбрана започнати се активности во таа насока.
ПРЕС24: Неодамна изјавивте дека Македонија е меѓу петте држави од светот кои досега пружиле најголема помош на Украина. Може ли да прецизираме што досега е донирано на Украина?
ПЕТРОВСКА: Кога започнавме со носењето на одлуките за донација на воена опрема и вооружување, во јавноста соопштувавме само дека сме донирале, без детали. Безбедносните проценки во тој момент укажуваа на зголемен интерес од несојузнички земји и со цел да го олесниме транспортот и доставувањето до крајната цел не објавуваме детали. Јас сум благодарна и на медиумите и на јавноста што ја почитуваа оваа одлука и стрпливо почекаа одлуките да бидат декласифицирани. Одлуките ги објавивме на веб-страницата на Министерството и се достапни за јавноста. Ќе набројам само дел, авиони, хеликоптери, ракетни системи, тенкови, резервни делови и муниција за тенковите, бомби, гранати, пушки. Неодамна успешно беше спроведена и првата обука на украински војници на Криволак, каде македонски војници и старешини реализираа пешадиска обука за нивните украински колеги.
ПРЕС24: Во јавноста има една дилема, во смисла на донациите кои се однесуваат околу авионите, тенковите, оружјето. Македонија донираше се, а за возврат не добива ништо како солидарност? Ќе добие ли државата некаква донација како замена за оружјето кое беше донирано?
ПЕТРОВСКА: Северна Македонија не е земја која сака да капитализира на маката на другите. Напротив, ние цврсто веруваме во праведноста на украинската борба за независност и сувереност и наша обврска е доколку можеме, да помогнеме. За тоа не треба никој да има дилема. Дури и оние кои барем беа јавно извртувачи на вистината дека со секоја донација ја намалуваме борбената готовност на Армијата, денеска велат дека правилно е што нашата држава го стори тоа и покажа дека не е само гласна во поддршката за Украина, туку дека прави и реални чекори за да му помогне на украинскиот народ кој се брани од руската агресија.
ПРЕС24: До кај е процесот на модернизацијата на Армијата? Што досега е набавено, а што се очекува да биде набавено?
ПЕТРОВСКА: Ова е најобемниот процес на модернизација досега. Ликот на Армијата го менуваме целосно и стануваме Армија во која функционира најновото и најсофистицирано вооружување. За тоа се заслужни неколку фактори – прво буџетирањето на одбраната. Буџетот за одбраната за следната година е проектиран, онака како што и планиравме и онака како што заедно со сојузниците донесовме и одлука на Самитот во Вилнус. Следната година за одбраната ќе бидат одвоени 2 проценти од нашиот бруто-домашен производ, што заедно со одвојувањето на една третина од овие средства за модернизација и опремување, „де факто“ значи дека Северна Македонија ги исполнува двете одредби за кои се согласивме во Вилнус – буџет од најмалку 2 проценти од бруто-домашниот производ и одвојување на најмалку 20 проценти од овој буџет за опремување и модернизација.
ПРЕС24: Пред нас се претседателски и парламентарни избори, но и процес на уставни измени од кој зависи интегративниот пат на државата кон Европската Унија. Анкетите во јавноста не се благонаклонети кон власта. Моето прашање е околу можноста за ширење на безбедносните ризици за време и по изборите?
ПЕТРОВСКА: Безбедноста на државата не ја делиме на безбедност пред, за и по избори. Секој процес во државата, а особено најдемократскиот процес на избор на нов парламентарен состав подложи на соодветни безбедносни проценки кои се веќе воспоставена практика и за тоа не очекувам нешто што е надвор од она што значи нормална постапка и нормално спроведување на овие процеси. Нарушувањето на безбедноста и заплашувањето на граѓаните околу избори е одлика на една друга политичка гарнитура. Бидете убедени дека нема да дозволиме такво нешто. Сите ние забелжуваме дека изминативе десетина дена со поставувањето на крстот на Попова Шапка повторно се прават обиди за разгорување на национализмот од двете страни. Да бидам јасна, лично не сметам дека изградбата на верски објекти или поставувањето на верски симболи е спорно, но ако сите ние ја почитуваме верата и религијата, без оглед за која станува збор, тогаш треба да сме свесни дека во суштината на секое верско учење е меѓусебното почитување. Во чие име се разгоруваат овие дебати? Во чие име се повикува на оружје? На ваков ли начин некои од политичките субјекти во државата сакаат да избегаат од одговорноста за носењето одлука за уставните измени? Само политички субјекти кои немаат што да понудат, а бегаат од одговорност го прават ова.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа