Приватните превозници ги повлекоа автобусите, „Илинденска“ проодна

 

 

Приватните превозници попладнево ги повлекоа автобусите со коишто го блокираа булеварот „Илинден“ во делот од фонтаната „Лотос“ во Градски парк до крстосницата кај ГОБ „8 Септември“, барајќи да м биде исплатен долгот во износ од 90 милиони денари од Град Скопје и ЈСП.

Претходно Ленин Јовановски од „Слобода превоз“ рече дека сите автобуси што се на улицата ќе се повлечат за да му се даде простор на дијалогот кој го предлага премиерот Димитар Ковачевски и е основа за средба на која, како што и самиот премиер спомена, ќе бидат презентирани сите аргументи, докази и факти за целата оваа состојба од која и нему и на пошироката јавност по тие средби ќе ѝ бидат пренесени во изворна форма на јавноста.

– Се прифаќа идејата ние како претставници на приватните превозници кои располагаме со таа документација, да ја презентираме на таа средба, прифаќаме и инсистираме на таа средба да има претставници и од Град Скопје, но и од ЈСП каде што пред него ќе ги соочиме аргументите со кои располагаат сите три страни“, рече Јовановски додавајќи дека тие како приватни превозници ќе изготват ново барање во контекст на она што го кажал Ковачевски и ќе ги исполнат сите негови сугестии.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека ќе го прифати барањето за средба, но откако ќе се создадат услови за дијалог и тие ги отстранат блокадите од улиците на главниот град.

Приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ започнаа со блокада на главниот град на 28 ноември кога со околу 30 автобуси на раскрсницата кај Мавровка, односно на булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“, побараа да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа.

Откако немаше исход, приватните превозници на 5 декември оваа година направија поголема блокада со поставување на околу 200 автобуси на неколку главни точки во главниот град, односно крстосниците пред ТЦ „Мавровка“, Црвен Крст, како и булеварот „Илинден“. Во петокот ги одблокираа крстосниците кај Мавровка и Црвениот крст и најавија дека блокадите ќе продолжат само пред бараките на Град Скопје се додека не се најде решение за нивниот проблем, а тие веќе понудија и компромис.

 

 

13.12.2022 - 19:37
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега