Паднаа двајца полицајци - незаконски задржале турски државјанин во прифатен центар

 


Кривична пријава против полициските службеници Г.М., Ќ.Р. и Г.П., поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ поднесе Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за истражување и гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција,

Како што информира МВР, пријавените полициски службеници како службени лица со искористување на својата службена положба и овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување и со неизвршување на својата службена должност, во периодот од 12.09.2024 до 31.10.2024 на турскиот државјанин А.Д. му нанеле штета и потешко му ги повредиле правата на начин што противправно и неовластено му го ограничиле движењето и го задржале во Прифатниот центар за странци Гази Баба.

Турскиот државјанин А.Д. на 08.09.2024 незаконски остварил влез во РСМ, поради што на 12.09.2024 заедно со други мигранти од Ирак бил задржан во прифатен центар за странци Гази Баба. Откако лицата дале исказ пред обвинител, другите мигранти биле однесени во Транзитен центар Табановце, а турскиот државјанин бил вратен во Прифатниот центар со образложение дека треба да се спроведе прекршочна постапка заради остварен илегален влез, иако ваква прекршочна постапка не била ниту отпочната.

Пријавените полициски службеници ненавремено презеле дејствија за проверки преку Секторот за меѓународна полициска соработка, презеле дејствија за утврдување на идентитет и покрај тоа што идентитетот на странецот бил утврден врз основа на национална лична карта и презеле други непотребни процесни дејствија спротивно на Законот за странци и Законот за прекршоци, со што на турскиот државјанин му ја ограничиле слободата на движење и противправно го задржале во Прифатниот центар за странци.

Против полициските службеници Одделот ќе поднесе предлог за поведување постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителна мерка за отстранување од работно место – суспензија до завршување на дисциплинската постапка. 

27.12.2024 - 16:47

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега