Груевски: 21 милион евра за обнова на уште два значајни патни правци
Наскоро ќе стартува реконструкцијата на два значајни патни правци во Велес, најави денеска премиерот Никола Груевски.
Патниот правец Велес-Скопје, долг 24 километри, инвестиција од околу 6 милиони евра, ќе почне во втората половина на јули, а ќе заврши за една година.
- Тоа ќе биде целосна реконструкција на автопатот Велес-Скопје откако веќе заврши реконструкцијата на автопатот Скопје-Велес, рече Груевски.
Втората значајна реконструкција е проширување на патот Велес-Кадрифаково, главна спојница со источна Македонија.
- Тоа е доста оптоварен пат зашто е главен влез за источна Македонија. Неговата прва фаза е завршена, втората е при крај и од август треба да започне третата фаза на потегот помеѓу Лозово и Кадрифаково. Оваа реконструкција со одредени проширувања ќе чини околу 15 милиони евра вкупно. Само оваа втора делница заедно со првата се околу 6, а со третата се околу 15 милиони евра, рече Груевски.
Ова, рече Груевски, е значајна инвестиција во патната инфраструктура која ќе ја користи цела Македонија, а посебно ќе значи за жителите на Велес кои секој ден се движат кон Скопје или кон источна Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа