Грција ја следи ситуацијата со балканската рута и поради опасноста меѓу бегалците и мигрантите да има борци од Хамас или Хезболах

 

Ситуацијата со бегалците и мигрантите на балканската рута е стабилна и за разлика од пристигнувањата по морски пат, не се забележуваат зголемувања, брифираат високи извори од Министерството за миграција и азил на Грција, но посочуваат дека состојбата се следи и од безбедносни причини поради опасноста меѓу бегалците од јужен Либан да има борци од Хамас или Хезболах, јави дописничката на МИА од Атина.

Вниманието на Грција е насочено кон морските граници и пристигнувањата на бегалци и мигранти по морски пат до островите, кое во изминатиот период е зголемено, за разлика од балканската рута која е постабилна, но сепак изворот вели дека не можеме да бидеме сигурни дека нема да се промени ако се зголемат притисоците на Блискиот исток.

-Соработуваме со Фронтекс, побаравме поголема инволвираност на Еуропол за да ја контролираме балканската рута, како и сите други рути, доколку постојат бранови од Либан, но ова е и од безбедносни причини, посочуваат изворите од Министерството за миграција и азил на Грција.

Објаснуваат дека ако во јужен Либан се влоши ситуацијата и ако се создадат мигрантски бранови од таму, можеби нема да бидат само семејства кои сакаат да си заминат од воената зона, туку може да се обидат и борци од Хезболах и Хамас да стигнат до Европа, што од безбедносни причини треба да се следи.

Затоа, нагласуваат дека мора да бидат во состојба на внимателност и будност.

Чамците со бегалци и мигранти кои пристигнуваат во Грција веќе се секојдневие, а високите извори од Министерството за миграција и азил проценуваат дека до крајот на годинава околу 50.000 ќе биде бројот на пристигнувања во земјата.

Според официјалните податоци, од почетокот на 2024 година, заклучно со септември пристигнале нешто повеќе од 37.000 лица, што е за 25 отсто повеќе споредбено со првите девет месеци од 2023 година.

Главниот проблем, според истите извори се криумчарите на мигранти кои „ги ставаат во опасност животите на луѓето“, злоупотребувајќи ја нивната ситуацијата „ги ставаат во небезбедни пловни средства за опасни морски патувања“.

Еден таков пример е и неодамнешната несреќата во близина на островот Кос кога две жени и две деца загинаа поради опасните маневри на криумчарот, кој управувал со чамецот.

-Не се занимаваме доволно со криумчарите. Тоа е тема што им ја поставуваме и на нашите европски партнери и на нашите турски соседи, нагласуваат високите извори од Министерството за миграција и азил на Грција и посочуваат дека намерата е да се интензивира соработката со Турција и да се фокусираат на борбата против мрежите на криумчарите во Егејското море.

Дополнително, истите извори велат дека со Турција треба да се разговара и за враќањата, нешто што е предвидено со заедничката изјава ЕУ-Турција, но не се спроведува веќе четири-пет години.

-Со фактот што не се враќаат мигранти во Турција, всушност ја прави рутата еднонасочна, оној што влегува, не може да излезе и ова треба да се смени и оваа еднонасочна улица да стане двонасочна, посочуваат изворите и додаваат дека ова е нешто што Грција го бара на европско ниво и не може да се разговара на билатерално ниво.

Враќањата на мигрантите и бегалците и во земјата на потекло и во трети земји е темата која е актуелна во изминатиот период, а за која изворите од Грција велат дека ќе добие особена динамика во ЕУ.

За враќањето на бегалците кои имаат признат статус и одобрен азил од една во друга земја, тешкотијата е нивното пронаоѓање и лоцирање.

Како пример, изворите споменуваат дека Грција прифатила од Германија да се вратат околу 570 признати бегалци, а се вратиле само 15 бидејќи е тешко останатите да се лоцираат, нешто што е проблем и кога станува збор за нелегалните мигранти и оние кои не добиле позитивен одговор на барањето за азил или за добивање дозвола за престој. 

27.10.2024 - 11:41

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега