Пијани „летале" на улиците - викендов казнети 732 учесници во сообраќајот

 

Вкупно 732 учесници во сообраќајот се санкционирани изминатиот викенд во рамки на акциската контрола за санкционирање на прекршителите на безбедноста во сообраќајот спроведена од секретаријатите за внатрешни работи во Скопје, Велес, Охрид и СВР Штип, на подрачјето на повеќе градови во државата.

Како што соопшти МВР, од превземените мерки и активности на сообраќајната полиција во Град Скопје, кај 44 возачи е утврдено дека управувале возила под дејство на алкохол, 32 лица управувале возила со измината важност на сообраќајната дозвола, без возачка дозвола управувале 26 возачи, а кај 16 лица е утврден сообраќаен прекршок за поминување на црвено светло.

Исто така, 30 возачи управувале возила над дозволената брзина, 21 возачи управувале возило со над 90 км на час во населено место, а изречени се и пет прекршоци за некористење на сигурносен појас, 21 прекршок за зборување на мобилен телефон, 10 прекршоци за паркирање во зона на крстосница, автобуска постојка или пешачки премин, и уште 93 прекршоци за неправилно и непрописно паркирање.

Покрај ова изречени се и прекршоци за недавање првенство на минување на пешаци за четворица возачи, за непрописно престројување изречен е еден прекршок, за пешаци изречени се вкупно 16 прекршоци додека пак со пајак службата подигнати се вкупно 92 возила.

ПС за БПС Велес на територијата на градовите Велес и Неготино, констатирале дека четири лица возеле под дејство на алкохол, две лица се движеле со поголема брзина од дозволената, а уште три други лица се санкционирани за прекршоци во сообраќајот.

Од превземените мерки и активности на ПС за БПС Охрид, ПС за БПС Струга, ПС за БПС Кичево и ПС за БПС Дебар, кај 34 лица утврдено е дека ја пречекориле брзината на движење во населено место, 12 учесници се писмено предупредени, 11 учесници во сообраќајот се усно предупредени,  а со контролите беа опфатени 74 возила и три мопеди и моторцикли.

Исто така, извршени се две алкотестирања, еден  преглед на превозни средства и багаж, одземени се две возачки дозволи поради управување под дејство на алкохол, а издадени се два платни налога, две покани за сообраќајна поука. Покрај ова три ПМВ  се исклучени поради необновена регистрација, а двајца возачи се исклучени од сообраќај бидејќи возеле без возачка дозвола, шест  ПМВ се подигнати со возило „пајак“, и издадени се 22 платни налози и 35  покани за глоба на возачи.

На територијата на СВР Штип контролирани се вкупно 1.161 возила и возачи, при што  изречени се 105 прекршочни казни за пречекорување на брзината и 29 прекршочни казни за возење под дејство на алкохол.

Секторите за внатрешни работи и понатаму ќе продолжат со зајакнати сообраќајни контроли по однос на прекршоци кои доведуваат до сообраќајни незгоди и апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел да се намалат сообраќајните незгоди, се вели во соопштението.

23.06.2014 - 15:28
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега