Нашле пушки ама ги сокриле за да не издадат криминалец: Паднаа инспектор и началник

 

Јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против двајца полициски службеници. Постои основано сомнение дека осомничените сториле продолжено кривично дело Попречување на правдата, продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување и продолжено кривично дело Фалсификување исправа.

Според прибраните докази во предистражната постапка осомничените како службени лица – началник и виш инспектор, по претходен договор и заедно, не извршувајќи ја својата службена должност ја злоупотребиле својата службена положба со намера да го спречат докажувањето во постапки што се воделе пред ОЈО Куманово.

Така, во август 2023 година во предмет против осомничен за кривично дело Предизвикување општа опасност, иако при претрес била пронајдена пушка, второосомничениот не го известил надлежниот јавен обвинител и со Известувањето што го подготвил до ОЈО Куманово, а кое го одобрил и потпишал првоосомничениот, не го доставил пронајденото оружје, ниту побарал негово вештачење. На тој начин осомничените злоупотребувајќи ја својата положба со неизвршување на својата службена должност, го прикриле предметот што служел за докажување на стореното кривично дело и овозможиле пријавата против осомничениот да биде отфрлена со што потешко ги повредиле правата на оштетените пријавители на кривичното дело.

Кон крајот на месец декември минатата година, првоосомничениот изработил Потврда за вратени предмети со која на осомничен во предмет му вратиле возило што претходно било одземено поради постоење основи на сомневање на сторено кривично дело Фалсификување исправа. Иако знаеле дека идентитетот на возилото според извршеното вештачење е променет, првоосомничениот наместо да поднесе кривична пријава, подготвил Известување до ОЈО Куманово кое второосомничениот како началник го одобрил и потпишал, а потоа истото било доставено до обвинителството. Враќајќи го возилото осомничените му овозможиле на друг да прибави имотна корист во вредност од 7.640 евра.

Согледувајќи ги околностите што укажуваат на опасност од бегство доколку осомничените се бранат од слобода, како и дека ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучесниците кои би дале важни информации за случените кривично правни настани, а имајќи ги предвид работните позиции, јавниот обвинител цени дека реално постојат и особени околности кои го оправдуваат стравот дека осомничените ќе го повторат кривичното дело. Затоа, до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје обвинителството достави предлог за определување на мерка притвор за двајцата осомничени кој предлог е прифатен и со Решение им е определена мерка притвор во траење од 30 дена.

04.03.2025 - 19:02

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега