Шведски весник: Македонија најефтина туристичка дестинација во Европа

 

За дел од семејниот буџет што сте го намениле за летните годишни одмори, најмногу можете да добиете при патување во земјите што се меѓу последните што добија членство во ЕУ или се вон Унијата. Македонија е најефтина туристичка дестинација во Европа, со најнизок ценовен индекс, пишува на својот сајт шведскиот весник „Дагенс нихетер“.

По Македонија следат Бугарија, Албанија, Босна и Србија, како и Полска и Романија, каде што цените се, исто така, релативно ниски, посочува весникот.

Со ова, како што јави дописникот на МИА од Гетеборг, шведските медиуми во пресрет на годинашната летна сезона повторно препарачуваат дека е исплатливо да се направат споредби на ценовното ниво во разни земји. Разликите во цените се големи, а земјите вон ЕУ се и меѓу најефтините, како во случајот на Македонија, но и меѓу најскапите како Швајцарија и Норвешка.

Меѓу најскапите земји за избор на туристички дестинации се вбројуваат и Данска, Шведска, Финска, Ирска, Велика Британија и Исланд.

Ценовниот индекс во Швајцарија изнесува 155,9, додека во Македонија е 46,7. За споредба, индексот на цените во Хрватска изнесува 68,5 и бележи пад од претходниот износ од 76,3.

И во Грција е забележан пад на ценовниот индекс од рекордното ниво од пред четири години 95, на 89,5 колку што беше проценет лани.

23.06.2014 - 13:20
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега