Зиков и Бучковски на гости кај Ахмети
Лидерот на Демократската Унија за Интеграција (ДУИ), Али Ахмети денеска во седиштето на партијата во Тетово го пречека лидерот на Алијансата за Позитивна Македонија, Љупчо Зиков како и поранeшниот македонски премиер, Владо Бучковски.
На средбата, соговорниците размениле мислења околу взаемната соработка, претседателските избори, спорот со името и евроатлантските интеграции на земјата.
Според Зиков, идејата за консенсуален кандидат за претседател е добра иницијатива и дека такви чекори ја стабилизираат политичката сцена во земјата, но, и соживотот.
Ахмети, пак, истакнал дека политичарите се избрани за да донесат храбри и одговорни одлуки и затоа смета дека политичките партии треба да се подготвени за претседател на државата кој ќе ги претставува сите заедници во земјава и ќе ги застапува евроатлантските стремежи на сите граѓани.
Соговорниците, информираат од ДУИ, исто така се сложиле околу потребата за итна интеграција на Македонија во НАТО и Европската Унија. Само тој процес, стои во соопштението, гарантира траен мир, стабилност и сигурност не само за земјава туку и во целиот регион на Западен Балкан.
-НАТО и ЕУ се апсолутен приоритет за сите граѓани и овој процес нема алтернатива. Претседателот Ахмети истакна дека сите патувања од Вашингтон до Брисел беа во функција на интегрирање на Македонија во Брисел и дека сега треба да се искористи моментот за конечно решение за спорот со името затоа што преговарачкиот процес не задира во идентитетот на Македонскиот народ како и македонскиот јазик, соопштуваат денеска од ДУИ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа