ВМРО-ДПМНЕ попушти - СДСМ нека одбере претседател на Комисијата за 24 декември

ВМРО-ДПМНЕ во врска со постапката за формирање на Експертска комисија за утврдување на фактите за настаните од 24 декември 2012 година, во и пред Собранието, но и за настаните кои предходеа, би сакала јавно да упати конструктивен и разумен предлог до СДСМ. 

 Со оглед на фактот дека подолго време нема успех во постапката за формирање на комисијата, ние денес јавно на СДСМ му го предлагаме следното. СДСМ да предложи претседател на експертската комисија за утврдување на фактите кои ние би го прифатиле, но, во духот на конструктивноста предлагаме комисијата да одлучува консензуално. Ваквиот формат, во кој опозицијата би имала мнозинство во комисијата, а истовремено комисијата би одлучувала консезнзуално гарантира дека комисијата во исто време ќе работи и динамично, но и одговорно и разумно, при што во својата работа пред се ќе ги има приоритетите за утврдување на фактите за настаните од 24 декември, во и пред Собранието, но и за настаните кои предходеа.

 Наша проценка е дека овој предлог е чекор напред за формирање на комисијата  и очекуваме СДСМ да го прифати како би направиле и чекор напред кон исполнување на обврските кои двете партии ги имаат.

 Заради информирање на јавноста би сакале да ви соопштиме дека во досегашните разговори ВМРО-ДПМНЕ беше сериозно посветена и проактивна. Доставивме пет предлози за претседател на оваа комисија, прифативме два предлози кои доаѓаа од претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов и прифативме еден предлог за претседател на комисијата предложен од страна на СДСМ. Заради договорот помеѓу партиите дозволете ми да не шпекулираме со имиња. Во исто време ВМРО-ДПМНЕ, во повеќе наврати, предлагаше и други форми и формати на формирање, функционирање и одлучување во самата комисија, а кои ценевме дека ќе помогнат во постапката за побрзо формирање на експертската комисија. Исто така би сакал да потсетам дека на 15 март оваа година, ВМРО-ДПМНЕ иницираше потпишување на Меморандум меѓу политичките партии за исполнување на стратешката цел за членство на Република Македонија во ЕУ.

 Со жалење можам да констатирам дека многуте предлози кои доаѓаа од наша страна не беа прифатени од СДСМ. Затоа денеска јавно и во знак на конструктивност му предлагаме на СДСМ да го предложи претседателот на комисијата, а комисијата во својата работа да работи консензуално. Цениме дека овој предлог е разумен и дека ќе гарантира придвижување на обврските кои како партии ги имаме.

(Интегрален текст од прес конференција на Илија Димивски, директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ)