Со ремонтот на пругата Ногаевци-Неготино возовите ќе "летаат" со 120 километри на час
Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, денеска официјално ја пушти во употреба модернизираната и реконструирана пруга Ногаевци - Неготино на Коридорот 10.
За ремонт на делницата на пругата Велес-Гевгелија во должина од 31 километар денеска почнаа градежни работи на Железничката станица Градско, со финансии од 9.399.755 евра, обезбедени со заем од ЕБОР.
- Ме радува фактот што со овој ремонт ќе се постигне зголемување на брзината на самите возови а намалувањата од 30 до 50 км на час на одредени сегменти од пругата кои беа неминовни, нема да бидат потребни. Просечната брзина ќе изнесува од 100 до 120 километри на час. Со средства во висина од 17,6 милиони евра го реализираме проектот за ремонт на железничка пруга долж Коридорот 10 на три секции со вкупна должина од 54,4 километри, железничка пруга која почнува од север со Табановце до јужниот дел Гевгелија, наведе Јанакиески.
Изведувач на градежните работи за ремонт на железничката делница е бугарската компанија ЦК - 13 Холдинг. Инаку, со ремонтот на делницата ќе се изврши замена на 30 cантиметри од лошиот земјен материјал, поставување геотекстил и геомрежа, вградување нов квалитетен камен материјал (дробина) и набивање со минимален модул на стисливост од 40 мегапаскали. Се предвидува да се изврши комплетна замена на старите дрвени прагови со армирано-бетонски преднапрегнати прагови. Исто така, комплетно ќе бидат заменети постоечките шини од типот S-49 со нови од типот UIC-60. Исто така, ќе бидат заменети изолираните лепени состави со нови. На целата делница шините и изолираните состави ќе бидат заварени во долги шински ленти. Ќе се изврши целосно прочистување на загадениот толчаник со просејување и ќе се изврши дополнување со нов.Пероните на стојалиштата во Ногаевци, Стоби и Црвени брегови и во станиците Градско, Кукуричани и Криволак ќе бидат реконструирани со вградување на армирано-бетонски елементи. Во станиците Криволак, Кукуричани и Градско ќе бидат заменети вкупно 8 влезни свртници тип S-49-300-6º со нови тип UIC-60-300-6º, поставени на армирано-бетонски преднапрегнати прагови. Ремонт на горниот строј и санација на долниот строј ќе се изврши и на преодните колосеци во станиците Криволак, Кукуричани и Градско.
Последниот ремонт на делницата Ногаевци-Неготино е извршен во 1968 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа