ВМРО-ДПМНЕ: Даути нема кредибилитет да претседава со собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади

 


ВМРО-ДПМНЕ смета дека Илире Даути нема кредибилитет да претседава со собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, откако беше изгласана недоверба по расправата за интерпелација покрената од пратеничката група на Левица.

- Не е важно кој покренал интерпелација и која била темата или причината, важно е дали е прекршен Деловникот за работа на Собранието или не е, рече пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, одговарајќи на новинарско прашање во однос на интерпелацијата на Даути.

Лефков посочи дека пратениците со гласање донеле одлука дека е прекршен Деловникот и дека од тој момент претседателката повеќе нема морален кредибилитет да ја води Комисијата.

- Никој не го оспорува правото на опозициската коалиција предводена од ДУИ да си предложи нов претседател и сигурни сме дека коалицијата СДС-ДУИ-Левица ќе го поддржат новиот предлог, како што често пати ја координираат опозициската активност во Собранието, рече Лефков.

Во петокот, Собранието по расправата за интерпелацијата за Даути изгласа недоверба, но потоа од Кабинетот на претседателот на Собранието испратија соопштение во кое нагласија дека гласањето нема правно-обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Именувањата и разрешувањата, како што посочија од Кабинетот на Гаши, се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот.

- Нагласуваме дека гласањето за интерпелацијата е израз на пратениците и нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Именувањата и разрешувањата се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот, посочија од Кабинетот на претседателот на Собранието. 

14.01.2025 - 14:01

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега