Сестрата на Фросина бесна: Колку пари се фрлени за маминото синче Васил да не одлежи казна

 

Сестрата на младата Фросина Кулакова која беше прегазена и усмртена на пешачки премин кај Силбо во Скопје, Росица Кулакова, се огласи на Фејсбук по одлуката на Врховен, да ја укине пресудата на Апелациониот суд Скопје против Васил Јованов со која тој беше осуден на три години и 10 месеци затвор за кривичното дело поседување и трговија со наркотици.

- Правосудната мафија не спие! Темните тунели на корупцијата се пофрекфентни од било кога. На 7-ми Мај, шуш-муш, Врховен суд му ја укинува пресудата на убиецот Васил од 3г. и 10 месеци за дрогата, што во денешната пресуда е земена како отежнителна околност. И сега апелација, без таа пресуда, ќе мора да ја намали казната. Таа отежнителна околност ја нема! Какви валкани игри се играат и колку пари се имаат фрлено за мајчиното синче да не си ја одлежи заслужената казна. Какво холивудско сценарио, навистина не можам да си поверувам, напиша сестрата на Фросина, бесна на Фејсбук.

 

Пресудата за ова дело Кривичниот суд ја зема како отежнителна околност при одмерувањето на висината на казната на Јованов при изрекувањето на казна затвор од 12 години, врз основа на признание на вина за делото „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за сообраќајката во која ја прегази Фросина Кулакова.

Советот за казниви дела при Врховниот суд одлуката ја донел на седница одржана на 7 мај годинава, една недела пред објавувањето на пресудата на Основниот кривичен суд Скопје за прегазувањето на Фросина Кулакова во јануари годинава на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.

Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на ден 07.05.2025 година, донесе пресуда КВП2-43/25, со која го уважи барањето на осудениот В.Ј. од Скопје, за вонредно преиспитување на правосилната пресуда поднесено преку бранителот Панче Нефтенов, адвокат од Скопје, ја укина пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ-1047/24 од 05.02.2025 година и предметот го врати на второстепениот суд на повторно постапување и одлучување, објави Врховниот суд.

Казна затвор од 12 години му одреди Судот на Васил Јованов, врз основа на признание на вина за делото „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за прегазувањето на Фр

Апелациониот суд Скопје во февруари годинава ја одби како неоснована жалбата на Васил Јованов за претходното дело, а жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје ја уважи и го преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција – изречената заводска мерка Упатување во воспитно-поправен дом и го осуди на единствена казна затвор во траење од три години и десет месеци.

Дваесет и едногодишниот Васил Јованов на 29 јануари годинава, управувал возило „Пежо 207“ без возачка дозвола и под дејство на алкохол, при што удрил во 22-годишната Фросина Кулакова на булевар „Партизански Одреди“, која починала на лице место.

15.05.2025 - 08:50

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега