Министерката за финансии: Спроведуваме реформи кои ќе не доближат до ЕУ
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во Брисел упати порака дека Владата е силно посветена на спроведување на реформите коишто се дел од Реформската агенда и кои претставуваат вистински патоказ за побрзо приближување кон ЕУ и подигнување на стандардот на граѓаните.
„Она што е клучно и на што Владата посветува внимание се спроведување на реформите со цел постигнување забрзан економски раст. Покрај Реформската агенда, која заедно е утврдена со ЕК, имаме многу активности предвидени во Програмата за работа 2024-2028 година, а кои ќе носат промени за подобро утре. Еден од најзначајните документи кои ги отсликува политиките што ќе се креираат – Буџетот за 2025 година е подготвен и доствен во собраниска процедура. Она на што ќе бидеме посветени меѓу другото се реализација на инвестициите затоа што тие носат економски раст, но секако приоритет е и борбата со криминалот и коруцпијата“, истакна министерката за финансии на средбите со претставници од Директоратот на ЕК за соседска политика и проширување.
Таа додаде дека претстои многу работа во реализација на реформите и при тоа се заблагодари за поддршката што земјата ја добива од ЕУ. На средбата беше нагласено дека прогресот во спроведување реформи, како и зајакнување на капацитетите на администрацијата отвора можност и за поголем пристап до средства од фондовите на ЕУ и зголемени инвестиции.
Министерката во Брисел учествуваше на Конференција организирана од „Пријатели на Европа“ и оствари средба со претставници на Европската народна партија.
08.11.2024 - 18:02
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа