Филков: Ефикасниот правосуден систем е клучен фактор за владеењето на правото
Ефикасниот правосуден систем има клучна улога во владеењето на правото, заедно со квалитетот и независноста на судството, изјави министерот за правда, Игор Филков, на отворањето на 15-тата сесија на Националната конвенција на Европската унија во Република Македонија.
Филков истакна дека ефикасниот правосуден систем е клучен за владеењето на правото и за борба против криминалот и корупцијата, како и за гарантирање на основните човекови права и слободи.
-Ефикасниот правосуден систем има клучна улога во владеењето на правото, заедно со квалитетот и независноста на судството. Тоа не е само еден од главните предуслови за создавањето на поволна инвестициска и бизнис-ориентирана средина, туку исто така и клучна претпоставка за борба против криминалот и корупцијата, и гаранција за основните човекови слободи и права, рече тој.
Министерот подвлече дека должината на судските постапки е главен аспект на ефикасноста и дека долготрајноста на постапките останува еден од најголемите проблеми во правосудството, кој генерира повреди на човековите права.
Тој нагласи дека министерството целосно ја поддржува работата на платформата за реформи во правосудството и активно учествува во креирањето на препораки за унапредување на состојбите во судството и јавното обвинителство.
Истакна дека зголемувањето на стапката на решавање на предметите и намалувањето на просечното траење на судските постапки ќе биде особен предизвик во идниот период. Тој нагласи дека стапката на решавање предмети за првостепените граѓански и трговски предмети изнесува 85 отсто, што укажува на создавање дополнителен заостаток кој треба да се совлада. Како што посочи, слични се констатациите и за кривичните предмети, каде што се забележува трендот на константен пад на стапката на решавање предмети.
Министерот го коментираше и Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија, објавен од Европската комисија минатата недела. Според него, извештајот дава реален приказ на достигнувањата и состојбите, и благо е подигнат степенот на подготвеност на земјата во достигнувањето на европските правила и стандарди.
-Извештајот дава реален приказ на достигнувањата и состојбите. Севкупно во споредба со минатогодишниот извештај, благо е подигнат степенот на подготвеност на земјата во достигнувањето на европските правила и стандарди, што претставува поттик за испорачување на потребните реформи. Во контекст на Поглавјето 23 Правосудство и фундаментални права како дел од Кластерот 1, нотирано е одредено и умерено ниво на подготовка во исполнувањето на стандардите на ЕУ за судството и фундаменталните права, но во делот на ефикасноста се нотира дека таа треба да биде подобрена, рече тој.
Додаде дека реформите во правосудството ќе продолжат во согласност со Развојната Секторска Стратегија за правосудство за периодот 2024 – 2028, со цел да се подобри ефикасноста на судските постапки и квалитетот на правдата и посочи дека во наредниот период клучен приоритет е да се реактивира Советот за следење на имплементацијата на Развојната Секторска Стратегија за правосудство.
– Свесни дека за суштински реформи во правосудството, не е доволно да се фокусираме само на судиите, и дека Судскиот систем го сочинуваат и илјадници вработени како судски службеници, лица кои вршат технички и помошни работи во судовите, и судски полицајци без кои судството не може да функционира, токму од нив, а со цел регулирање на нивниот статус, почнаа реформите. Започната е изработка на нов Закон за судска служба, чија цел е да ја унапреди постојната регулатива, обезбедувајќи подобри услови за работа и правата на вработените во судскиот систем, рече министерот.
Најави дека се спроведуваат и активности за подобрување на ефикасноста на судските постапки и квалитетот на правдата, со фокус на дигитализација на правосудството во кои се вклучени воведување на систем за управување со предметите, развој на веб-страници за судовите, и опремување на судовите со хардвер и софтвер за аудио и видеоснимање на судските расправи.
Дополнително, кажа дека се работи на актуелизирање на Законот за парнична постапка и подготовка на нови законски текстови за кривичната постапка и информираше дека реформската Агенда, одобрена од Европската комисија, утврдува приоритети за унапредување на ефикасноста на судството, вклучувајќи пополнување на испразнетите позиции за судии и обвинители и обезбедување на финансиска независност на судскиот систем.
Темата на 15. Сесија на Работната група 3 , Правосудство и темелни права е „Пристап до правдата: Подигнување на ефикасноста на судските постапки и квалитетот на судската правда“. Од неа Националната конвенција препорачува побрза размена на податоци и јавен надзор за поефикасно судство , помеѓу кои целосна имплементација на Платформата за интероперабилност меѓу судовите и релевантните институции за побрза размена на податоци, приоритетно финансирање на дигитализацијата, јавен надзор на судските постапки, како и обука на судската администрација и судиите за новите системи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа