Што е сработено во Пробиштип? - Отчет на градоначалникот Тони Тоневски
Градоначалникот на Пробиштип денеска даде отчет за сработеното и реализиораното во изминатата 2013 година. Изградба на пречистителната станица за вода за пиење во вредност од 1.500.000 евра и на Градски пазар во вредност од околу 72 милиони денари, се дел од реализираните проекти кои ги спомена Тоневски.
- Во ноември го пуштивме во употреба регионалниот патен правец Пробиштип – Св Николе во вредност од 52 милиони денари со должина од 28 километри, а со изградбата на автопатот Миладиновци –Штип жителите на Пробиштип ќе патуваат до Скопје за 40мин. Доизградба на патниот правец Пробиштип – Ратавица преку Леговец во должина од 860 метри кои заедно со претходно изградените 4 километри преставува инвестиција од 600.000 евра, рече градоначалникот на Пробиштип.
Тоневски меѓу останатите проекти ги посочи и реконструкцијата на ул.Јаким Стојковски во должина од 1.220 метри, со вкупна инвестиција од 29 милиони денари, изградба на пат Ратавица - Бунеш, како и пуштањето во употреба на патниот правец Ратавица – Бунеш. Вкупната инвестиција за реализација на овој проект изнесува 15 милиони денари.
Тој спомена дека е завршен еден дел од инфраструктурата во веќе постоечката индустриска зона која се однесува на асфалтирање на неколку улици, поставување на улично осветлување, изградба на водовод и канализација. Целата инвестиција, нагласи, ја чинеше општината околу 3 милиони денари.
На прес - конференцијата информираше дека е завршена изградбата на улица до манастир Св.Василиј на Пониква во должина од 800 метри.
Давајќи отчет за сработеното Тоневски ги спомена и новоизградениот водоснабдителен систем во село Трооло, изградбата на водоводи во село Лесново и село Бунеш, како и опремувањето на спортско рекреативниот центар Пониква со еден ратракт, топови за производство на вештачки снег, две моторни санки, нов соунборд парк.
- Во рамки на ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија, детската градинка Гоце Делчев доби финансирање на проект за комплетна реконструкција на клонот Цветови во вредност од 110.000 евра. Проектот ќе се реализира во тек на 2014 година. Реконструкција на подови во ПОУ Кирил и Методиј во Злетово Проектот се реализираше со поддршка на УСАИД, а вредноста изнесува 1.500.000 денари, посочи градоначалникот на Пробиштип.
Говореше и за отвореното Одделение за социјална заштита во Злетово, за Лесновска ликовна колонија и за стипендии за најдобрите ученици кои од 2014 година ќе бидат финансиски стипендирани од страна на Локалната самоуправа и тоа двајца најдобри средношколци и тројца студенти од Пробштип.
- Ова се проекти за кои пред граѓаните дадовме цврсто ветување, а сега и на дело покажуваме дека ги реализираме, истакна на прес - конференцијата градоначалникот на Пробиштип Тони Тоневски
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа