Дурмиши: Нова енергија и 40 милиони евра за локалната економија
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска (25 јуни) ја посети Општина Желино, каде заедно со директорот на Агенцијата за вработување, Селајдин Белули, оствари средба со граѓани, локални бизнисмени и претставници на јавните институции.
Целта на посетата беше теренска презентација на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2025 година.
Централна тема беше обемната поддршка што Владата ја обезбедува за вработување и самовработување – рекордни 40 милиони евра, насочени кон над 10.000 граѓани кои сакаат да најдат работа, да отворат сопствен бизнис или да се обучат за конкретна професија.
„Ова не е само план на хартија – ова е план за иднина. План во кој секој млад човек, секоја жена, секој невработен има своја шанса. Време е за акција, не за чекање“, порача министерот Дурмиши.
Тој информираше дека преку досегашните јавни повици за активните меркиза кои веќе се врши селекција:
• Мерка 1.1: До 7.000 евра за започнување бизнис за лица над 29 години,
• Мерка 1.2: До 10.000 евра за млади до 29 години со иновативна идеја,
• Мерка 1А: До 20.000 евра за заеднички бизниси на најмалку две лица,
се поднесени вкупно 6.026 апликации.
„Тоа не е бројка на хартија – тоа се 6.026 лични приказни, надежи и идеи. Секоја апликација е доказ дека граѓаните не се откажуваат. Напротив, тие се подготвени да направат чекор напред“, изјави министерот.
Посебен акцент беше ставен на Мерка 3.1 – Обука кај познат работодавач, една од најуспешните форми на подготовка за вработување, која директно ги поврзува компаниите и невработените.
Преку оваа мерка:
• работодавачите обучуваат кадар според свои реални потреби;
• невработените стекнуваат практични вештини во вистинска работна средина;
• се создава можност за трајно вработување по завршување на обуката.
„Мерка 3.1 е мост – на едната страна се луѓето кои бараат работа, на другата се компаниите што бараат луѓе. Наша задача е тој мост да биде стабилен и достапен за сите“, истакна министерот.
Во рамки на посетата, беше претставена и мерката за субвенционирано вработување, со која се повикуваат работодавачите од микро, мали и средни претпријатија, социјални претпријатија и граѓански организации да аплицираат за поддршка при отворање нови работни места.
Мерката нуди:
• 250.000 денари за вработување младо лице до 29 години,
• 220.000 денари за жени, Роми, лица со попреченост, долгорочно невработени и корисници на социјална помош,
• 160.000 денари за лица над 29 години.
Работодавачите се обврзани да ги вработат лицата на неопределено време со полно работно време и да ги задржат меѓу 9 и 15 месеци, во зависност од целната група.
Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување продолжуваат со теренски активности низ државата. По Желино, следуваат посети во Гостивар, Кичево, Сарај, Липково и други општини со висока стапка на невработеност.
„Граѓаните треба да знаат – Владата не ги остава сами. Ова не се само економски мерки, туку конкретни шанси за подобар живот. Останете тука, започнете нешто свое, или приклучете се на тим кој расте – ние ќе ве поддржиме на секој чекор“, заклучи министерот Дурмиши.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа