Радев до ЕУ: Правата на Бугарите во Македонија не се за политичко пазарење

 

Бугарскиот претседател Румен Радев испрати писмо до лидерите на Европската унија, реагирајќи на извештајот за напредокот на Северна Македонија, усвоен на седница на Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент.

Радев порача дека правата на Бугарите во Северна Македонија не смеат да бидат предмет на политичко договарање и остро се спротивстави на можноста за промена на веќе постигнатиот европски компромис.

Во писмото тој изрази загриженост што Европарламентот се впушта во, како што наведува, „морални и научни категории“ како што се прашањата за идентитетот и јазикот, за кои, според него, нема правна надлежност. Радев смета дека таквите формулации оставаат простор за „слободни толкувања“, кои властите во Скопје веќе ги користат за наметнување на „етноцентричен и националистички наратив“.

Тој ја поздрави одлуката Европарламентот да не ги прифати формулациите за „вековен македонски идентитет“ и упати критики кон известувачот Илхан Ќучук за, како што вели, „нерегулирани средби“ со македонски политичари и експерти, што според него фрла сенка врз транспарентноста на процесот.

Радев посочи дека во текот на седницата било предложено да се додаде зборот „модерен“ пред „македонски јазик и идентитет“, но ова не било ставено на гласање поради, како што вели, „вешто подготвени процедурални маневри“.

Ова писмо пристигнува во исклучително чувствителен период за македонско-бугарските односи, во пресрет на можноста за отворање нови поглавја во пристапниот процес на Северна Македонија кон Европската унија.

25.06.2025 - 19:47

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега